Анкета на „Работник“: Над 60 % сакаат да работат на четиричасовно работно време по родителското отсуство

Бобан Илијевски

Најголемиот дел од луѓето сакаат родителското отсуство да трае 12 месеци, а воедно сакаат и да имаат можност на скратено работно време. Ова го покажува анкетата на порталот Работник која беше направена на репрезентативен примерок од вкупно 1,060 испитаници и истата беше спроведувана од 20 до 30 сепември 2021 година. 

Првото прашање од анкетата беше во однос на тоа дали сметате дека родителското отсуство треба да трае 12 месеци. Очекувано, најголемиот број од испитаниците (96,3 %) се за да се зголеми родителското отсуство на 12 месеци. 3 % одговориле дека не сакаат зголемување на родителското отсуство, додека со „не знам“ одговориле 0,7 % од испитаниците. 

Второто прашање беше во насока на тоа дали мислите дека на еден од родителите, по завршувањето на родителското отсуство, би требало да му се овозможи да работи на скратено работно време, во период од 6 месеци. И тука одговорите до некаде беа очекувани. 95,2 % од испитаниците одговориле потврдно, 3 % одговориле со „не“ и само 1,7 % не знаеле што да одговорат. 

Фото: Freepik

Следното прашање беше за тоа колку би требало да изнесува скратеното работно време. Дадовме три опции, меѓу кои (до четири часа, до шест часа, а како трета опција беше да одговорат со „не знам“). Најголемиот број од испитаниците се за опцијата четири часа или половина работно време – 60,6 %, за опцијата до шест часа се изјасниле 34,5 %, додека 3,9 % одговориле дека не знаат. Во склоп на овие одговори, имаше уште неколку, меѓу кои беше и на еден испитаник којшто истакнал дека работното време треба да остане како што е, додека друг испитаник се изјаснил дека работното време би требало да трае два часа. 

На прашањето колку од 12 месечното роодителско отсуство би требало да искористи таткото, а колку мајката, најголемиот дел од испитаниците или 77,8 % истакнале дека целото родителско отсуство треба да го искористи мајката; 14,6 % одговориле дека треба по шест месеци да искористат мајката и таткото; 0,8 % рекле дека треба таткото да го искористи целосното породилно отсуство, додека 6,8 % се изјасниле дека не знаат. 

Најголемиот број од испитаниците односно 92, 2 % се жени, додека само 7,8 % се мажи. 

На испитаниците им овозможивме простор да дадат свои сугестии и коментари. Во прилог издвојуваме некои од нив: 

„Таткото да има право на родителско отсуство во исто време со жената макар и на краток период за да се поврзе со детето и да биде од помош на мајката“.
 
„Да им се овозможи на родителите по користењето на постпородилно отсуство, дополнително неплатено отсуство од 24 месеци, за кое време работната позиција од која отсуствуваат, ќе мирува и ќе ги чека“.
 
„Мајката да има 12 месеци, таткото заедно со мајката да биде во првите 3 месеци, додека следните девет месеци да работат на скратено работно време од по 6 часа“.
 
„Сметам дека треба да има задолжително родителско отсуство на таткото, ако двајцата родители живеат во заедница. Во спротивно, родовиот јаз само ќе се зголеми, ако се продолжи отсуството од 9 на 12 месеци само за мајката. Исто така ако родителите сами одлучуваат кој ќе го користи отсуството, во повеќето семејства тоа ќе биде мајката, а и ако одлучат да го земе таткото, и самите компании нема да им дозволуваат на татковците, како што е сега случај со голем дел од нив“.
Фото: Freepik
 
„Во прашањето за тоа кој треба да го користи родителското отсуство, нема опција тоа да биде избор на родителот. Јас сметам дека родителите може да направат најдобра проценка кој треба да го користи отсуството т.е. тие да го имаат изборот“.
 
„Потребно е да се продолжат опциите за родителско отсуство и втората и третата година, секако со намалување на средставата“ (30 % втората и 50 % третата година)“.
 
„Може 9 месеци мајката, а останатите 3 по потреба може таткото да ги земе заедно со мајката за ако е потребна помош во почетокот или било кога додека мајката е на породилно“.
 
„Скратено работно време и за самохрани родители. Никаде ги нема во законот“.
 
„По наполнети 7 месеци на бебето, кога ќе се воведе цврста храна и бебето нема потреба од ексклузивно доење, таткото може да го чува без никаков проблем. Всушност може и од сам старт, но доењето е незаменливо“.
 
„За посвоителите да биде овозможено платено отсуство од најмалку 6 месеци, бидејќи најрана возраст на која може да се посвои дете е 6 месеци, но некои посвојуваат и повозрасни деца со кои треба да се поврзат а не веднаш од прв ден да ги дадат во градинка (под услов да најдат место во некоја градинка)“.
 
„Добро ќе биде доколку законодавнипт дом направи измена на закон за работни односи и му се дозволи и на таткото родителско отсуство најмалку еден месец. После породувањето, на мајката и е потребно еден извесен период да се опорави и закрепне. Мајката која е на породилно боледување, доколку нејзиниот сопруг е во работен однос треба цело време да се грижи за малечкото бебе и не е во можност да ги извршува сите потребни секојдневни обврски. Да подготви храна за семејството, да внимава на малечкото, да оди до продавница и ред други обврски. Во ситуација кога”новата” мајка е сама во станот и навистина е препуштена сама на себе е премногу тешко. Не секое семејство е во можност да има при рака помош, бидејќи доста често може да се случува и родителите и на мајката и на таткото да бидат во работен однос па исто како и таткото да не се во можност да му помогнат на својата ќерка/снаа. Ова најдобро би ме сватиле припадничките на понежниот пол“.
 
„Покрај отсуствата да се регулира престојот на детето во градинка, бидејќи сведоци сме на неможност да се запише детето во градинка бидејќи нема место. Откако ќе се запише негоувателките измислуваат правила прва недела по еден час. Втора недела по два часа да седи. Така треба родителот од 7 месеци да го прати во градинка за детето да се прилагоди. Не е само породилното и системот на седење на родителот дома. Има многу фактори кои кај нас не се земаат предвид. Родителот треба да тргне на работа тоа е нормално, но грижата за детето треба да знае на кого му ја препушта. Во градинките има огромен број деца, па негоувателките само бараат изговор како детето да не доаѓа или како да си оди порано. Во такви услови родителот не може да работи“.
 
Ова се само дел од големиот број сугестии и коментари на испитаниците. Истите зборуваат за повеќе фактори коишто влијаат на семејниот живот и којшто би требало да се променат. 
 
Фото: Freepik