Светот на работникот

Кога решението ќе стане проблем: Што е „Кобра ефект“ и зошто компаниите постојано го повторуваат

Замислете државата да сака да се ослободи од опасни змии. Нуди парична награда за секоја убиена кобра и очекува дека нивниот број брзо ќе опадне. На хартија звучи логично. Во пракса, меѓутоа, луѓето започнуваат да одлгедуваат кобри за подоцна да ги убијат и да ја наплатат наградата.

Кога властите сфатиле што се случува и ја укинале програмата, одгледувачите ги пуштиле змиите бидејќи повеќе не носеле профит. Резултат? Бројот на кобри бил поголем од пред почетокот на акцијата.

Оваа прикзна од колонијална Индија му го дала името на еден од најинтересните општествени и деловни феномени – Кобра ефектот.

Кога поттикнувањата произведуваат спротивен ефект

Кобра ефектот ја опишува ситуацијата во која обидот за решавање на проблемот всушност доведува до тоа проблемот да стане уште поголем. Најчесто се случува кога луѓето реагираат на поттикнувањата на начин на кој креаторите на правилата не го предвиделе.

Со други зборови, не е доволно да се има добра намера. Потребно е да се разбере како луѓето се однесуваат кога ќе им понудите награда, бонус или одредена цел.

Зошто овој феномен е важен во бизнисот?

Компаниите често поставуваат KPI, бонуси и цели за да ги мотивираат вработените. Меѓутоа, ако погрешно ги дефинираат, можат да произведат токму спротивен ефект.

На пример, ако продавачите се наградуваат исклучително само според бројот на склучени договори, можат да започнат да им ги продаваат производите на купувачите на кои всушност не им се потребни. Краткорочно, бројките изгледаат одлично. Долгорочно, расте бројот на рекламации и незадоволни клиенти.

Слично на тоа, ако корисничката поддршка се оценува според брзината на одговорените повици, вработените би можеле да даваат површни одговори само за да ја задоволат метриката.

Кога бројката ќе стане поважна од целта

Една од причините поради која настанува Кобра ефектот е фокусирањето на мерата наместо на суштината. Кога луѓето ќе почнат да го оптимизираат резултатот кој се мери, лесно забораваат поради што тој резултат е воопшто воведен.

Вработените тогаш не го прават она што е најдобро за компанијата, туку она што е најдобро за статистиката по која се оценуаат.

Како да се избегне Кобра ефектот?

Не постои универзално решение, но експертите во главно препорачуваат неколку принципи:

Не мерете само една работа.

Набљудувајте ги долгорочните последици, а не само краткорочните резултати.

Редовно проверувајте дали поттикнувањата го менуваат однесувањето на луѓето на неочекувани начини.

Наградувајте го квалитетот, не само количината.

Поука за лидерите

Кобра ефектот потсетува дека луѓето вешто пронаоѓаат начини да се прилагодат на правилата. Затоа е важно да не се размислува само за тоа што сакате да постигнете, туку и за тоа какво однесување поттикнувате.

Бидејќи понекогаш најголемиот проблем не настанува поради лошата идеја, туку поради премногу едноставното решение.

Извор: BIZLife