Седум од 10 компании во Македонија немаат жена на директорска позиција, околу 250.000 жени се надвор од пазарот на труд
Околу седум од 10 компании во Македонија немаат жена на директорска позиција или повеќе од 70 отсто од компаниите со регистрирани раководни позиции немаат ниту една жена на таа позиција. Жените во Македонија држат една од пет директорски позиции или вкупно 802 фотелји, 19,6 отсто од извршните лидерски позиции и околу 29,1 процент од надзорните позиции.
Ова го покажува студијата „Жени во управните одбори во Северна Македонија: Унапредување на родовата еднаквост во корпоративното одлучување“ која мапира 2.075 средни и големи компании, 3.680 директорски позиции и 85 компании што котираат на берзата, но и 193 менаџери и сопственици на фирми.
Како што беше речено на денешната презентација, резултатите се исклучително загрижувачки.
-Би сакала да замислиме една слика. Имаме една конференциска сала со маса и пет стола. Во просек, само едно од тие столчиња го држи жена. Во седум од 10 воопшто нема жена на директорска позиција. Застапеноста на жените се разликува во зависност од нивото на лидерство. Жените се подобро претставени во надзорни улоги, додека јазот е особено изразен во извршното лидерство. Кога во компанијата има одбор, жените држат 27 отсто од директорските позиции. Кога во компанијата нема одбор, тој удел е понизок, 18,7 отсто. Присуството на одбор се чини дека создава повеќе простор за застапеноста на жените во лидерството. Ова е особено релевантно во Северна Македонија, каде студијата укажува дека околу девет од 10 компании немаат одбор. Повеќето од нив се организирани околу еден извршен носител на одлуки. Сопственоста исто така е важна. Податоците покажуваат разлики во улогите на жените и мажите сопственици во нивните компании. Жените многу помалку веројатно ќе ја комбинираат сопственоста со извршна контрола или имајќи удел во компанијата, не значи автоматски дека имаат влијание врз секојдневното управување, рече директорката на Жените во корпоративното лидерство во Северна Македонија (WOBA), Џина Поповиќ, која ги презентираше резултатите од истражувањето.

Заменик-амбасадорот на ЕУ во земјава, Бен Напнау, оцени дека ова е област во која не е направен голем напредок.
-Женското учество во корпоративното водство не е само работа на еднаквост и застапување, туку е и прашање на економски раст, компетитивност, добро владеење и одржлив развој на целото општество. Во Северна Македонија жените навистина имаат голем професионален напредок во учеството на пазарот на трудот, но сепак овој напредок не е доволен, недоволно се изразува тоа на ниво на лидерство, на извршни позиции, во структурите што носат одлуки. Има постојани трајни бариери, родови стереотипи, нееднаков пристап до професионалните мрежи и можности за лидерски позиции, посочи Напнау.
Бројките, додаде, покажуваат јасен јаз помеѓу застапеноста на жените во економијата и нивниот пристап до високото раководство во компаниите.
-За да се надмине овој јаз треба лидерство што вклучува иновативност, проактивност, сопрување и управување со ризици. Унапредување на женското лидерство не е само општествен императив, туку се работи за економска стратегија на земјата. ЕУ презема конкретни чекори за зголемување на застапеноста на жените на високите позиции и за отстранување на бариерите, посебно преку Стратегијата за родова еднаквост и Планот за родова еднаквост во контекст на проширувањето. Родовата еднаквост е важен дел за секоја земја кандидат во усогласувањето со европските стандарди. Северна Македонија навистина има големи напори и успешна е во унапредување на еднаквоста во политичкиот и јавниот живот и овие напори заслужуваат признание, меѓутоа имплементацијата останува нееднаква со континуирани јазови во имплементацијата и интегрирање на родовата перспектива во сите секторски политики, потенцира заменик-амбасадорот.
Тој изнесе и конкретни предлози, како да се подобри ситуацијата. Рече дека Македонија треба да го забрза усогласувањето на законодавството во однос на родовата еднаквост, но и дека се неоподни правично вработување, процедури за унапредување, менторство и вистинска заложба од одборите и високото раководство.
-Законодавството мора да го подобри балансот помеѓу професионалниот и приватниот живот, да има посебни мерки што ќе го адресираат платниот јаз меѓу жените и мажите, да се осигура грижа за децата, отсуства за родителите,… Истовремено, жените претприемачи треба да бидат поддржани преку подобар пристап до финансии, менторство и професионални мрежи. Но, само законодавството нема да значи трансформација на корпоративната култура. Она што е потребно е правично вработување, процедури за унапредување, менторство и вистинска заложба од одборите и високото раководство. Важно е како да се предвижиме од политика кон имплементација и од заложби кон резултати, истакна Напнау.
Тања Михајловска Димитриевска, лидер за стратешки партнерства на WOBA, укажа дека родовата рамноправност во лидерството не е само социјална правда, тема или прашање на социјална правда, туку е прашање на добро корпоративно управување, економска конкурентност и одржлив развој.

-Пред нешто повеќе од една година токму во Скопје ја имавме првата тркалезна маса на која почнавме значаен дијалог за родовата рамноправност во корпоративното управување, како и усогласувањето на нашето законодавство со европските стандарди. Тогаш зборувавме за потребата за промени. Во меѓувреме го продолживме дијалогот со институциите и вклучително со Комисијата за еднакви права на мажите и жените во Собранието на Северна Македонија. Денес, една година подоцна, прв пат имаме сеопфатна слика за застапеноста на жените во корпоративното управување која ги опфаќа сите 2.075 средни и големи претпријатија и 85 компании што котираат на берзата. Резултатите од истражувањето се исклучително загрижувачки. Само една од пет раководни позиции е заземена од жена. Повеќе од 70 отсто од компаниите со регистрирани раководни позиции немаат ниту една жена на таа позиција. И сето тоа во земја во која меѓу вработените процентот на високо образование кај жените е повисок од мажите. Затоа, прашањето не е дали имаме квалификувани жени, туку дали системот во кој функционираме обезбедува еднакви можности за тие жени да стигнат до саканите позиции, нагласи Михајловска Димитриевска.
Таа се согласи дека во контекст на европската интеграција на Македонија, усогласувањето со европската директива за родова рамноправност во одборите на котираните компании претставува важен чекор.
-Но, нашата амбиција треба да оди малку подалеку. Не станува збор само за исполнување одредени квоти на европски барања или за постигнување одредени проценти. Пред се, станува збор за воспоставување транспарентни процеси за избор, јасни критериуми и компетенции, како и корпоративна култура што ќе овозможи еднакви можности за напредување. Потребна ни е одговорност од законодавството, од регулаторите, од сопствениците на компаниите, членовите на одборите, финансиските институции, како и од инвеститорите, рече Михајловска Димитриевска.
Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, напомена дека жените во Македонија се соочуваат со секојдневни предизвици во корпоративниот свет – отежнат пристап до финансиски сретства за почеток и развој на бизниси, за дополнителна деловна едукација, за пристап и поврзување со меѓународните пазари, како и тешкотии за поголемо учество во позициите на моќ на големните компании.

-Една од најголемите пречки за поголем економски развој во државата во сите релевантни извештаи е ниската вклученост на жените на пазарот на труд, големиот јаз во сопствеништвото на компании помеѓу мажите и жените, со оглед дека едвај 30 отсто од компаниите се во сопственост на жени и тоа, најчесто со помал број вработени и помала економска моќ. Слична е состојбата и во областа на трудот, каде жените претставуваат еден од најголемите неискористени економски ресурси, бидејќи над половината од работоспособните жени, околу 250.000, се надвор од пазарот на труд. И во презентираната Национална анализа за застапеноста на жените во раководните и управувачките структури на компаниите во Македонија има слични показатели – учество на жените во корпоративните структури е помеѓу 15–25 отсто, бројка што е прениска, истакна заменик-министерот.
Тој додаде дека Министерството за економија и труд работи на создавање уште подобри услови за развој на компании основани и управувани од жени, како и на создавање услови за зголемување на бројот жени во корпоративните структури, и во државниот и приватниот сектор.
-Наша цел и обврска е да создадеме услови во кои секоја жена што има знаење, капацитет и желба за успех, ќе може професионално да напредува. Во Извештајот за напредокот е нотирано дека Македонија подготвува измени на легистлативата за собирање податоци разграничени според полот и зајакнување на транспарентноста. Станува збор за измените на Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица, чија цел е да се обезбеди водење родово разделена статистика на деловните субјекти. Во делот на податоците за физичките лица кои се јавуваат во различни улоги во правните субјекти (сопственик и управител), при внесување на податоците од обрасците во регистарот ќе се внесе и полот на сопственикот и управителот за секој деловен субјект. Тоа ќе доведе до системски приод во обезбедувањето на овие податоци што ќе создаде можност за изготвување разни публикации во кои ќе бидат прикажани потребни и доволно податоци за економската активност на жените кои би дале јасна слика за бројот компании кои се во сопственост и управувани од жени, во која категорија (микро, мали, средни, големи) се тие компании, во кои дејности се, во кои општини, во кои плански региони припаѓаат, колку лица вработуваат, каква е нивната застапеност на меѓународните пазари,… информира Ристески.
Според него, поддршката на родовата еднаквост во корпоративното раководење не е само општествена цел, туку заедничка одговорност за креирање подобри услови за раст и развој на компаниите управувани од жени, а со тоа и искористување на нивниот целосен потенцијал и создавање раст и развој на македонската економија.
На настанот присуствуваше и министерката за енергетика, Сања Божиновска.

