ИнтервјуаМакедонијаСветот на работникот

Апасиев за Работник: Потребна е целосна трансформација за да им се помогне на работниците

823views

За подетална анализа на актуелната  ситуацијата со работничките права во Македонија, порталот Работник направи интервју со д-р проф Димитар Апасиев, претседател на Левица, која претендира да формира Влада на следните избори.

Во продолжение прочитајте го целосното интервју:

Каде лежат најголемите проблеми на работничката класа во Македонија?

Еден од проблемите со кои што се соочува работничката класа во Република Македонија е нејзината несплотеност, несолидарност, неединственост кога се работи за решавањето на нејзините предизвици. Далеку од тоа дека тоа е вина на самите работници, напротив, долгогодишните манипулации од страна на условно кажано големите политички партии и намерното структуирање на системот на организација во државата допринесоа работниците да бидат сведени само на обична работна рака која што ќе генерира што поголем профит на нивните работодавачи. Гледаме како, низ годините, основните работнички права се намалуваат се повеќе и повеќе, синдикалното организирање е скоро па изумрено, ние гледаме дека она што остана денес од синдикатите е само бледа сенка на тоа што некогаш било, што остава простор за многу злоупотреби на штета на самите работници. Морам да ги спомнам и “невладините“ организации, кои што се декларираат како борци за работнички права, но во практиката тие работат со скриени агенди, односно, она “ен џи о“ помагање на работниците речиси никогаш конкретно не помогнало на ниту еден работник, а создава илузија која што ги заведува оние на кои што помошта им е најпотребна. Гледаме дека самите закони се така конструирани да е скоро невозможно да се пријави и докаже мобинг, имаме договори на определено време кои што законски траат до 5 години, а во пракса се прават невидени манипулации со нив. Знаете, системот на организација треба и МОРА да биде променет од самите негови корени! Не е потребно само некое привидно реформирање во делот на работничките права, туку е потребна целосна трансформација со цел вистински да се помогне на секој текстилец, градежник, учител, земјоделец, и секој друг кој што чесно го заработува своето парче леб. За жал, во капиталистички систем вредностите и приоритетите се изместени, при што главниот фокус е ставен на профитот, а не на Човекот.

Што Левица, како работничка партија, планира да направи околу унапредувањето на работничките права?

Левица секогаш била и ќе продолжи да биде на страната на работниците, нешто што ниту една друга партија во Република Македонија не го прави ниту, пак, го правела во минатото. Како што знаете, сега е предизборен период во кој што Левица зема учество, па во својата Изборна програма 2020 предвидуваме многу корисни мерки кои што и тоа како можат да помогнат на работничката класа. Некои од тие мерки се однесуваат на намалување на работното време на работниците од 8 на 6 работни часа дневно, намалување на времетраењето на договорот на определено време на максимум 6 месеци, намалување на старосната граница за добивање на старосна пензија на 60 години за жени и 62 за мажи, како и овозможување на добивање на пензија по основ на стаж. Исто така, предвидуваме воведување на дупли дневници за сите оние работници кои што ќе работат за време не викенди и празници. Во изборната програма имаме предвидено и зголемување на правата на работничките – родилки, поточно зголемување на времетраењето на породилното отсуство, овозможување на флексибилно работно време и враќање на истото работно место на кое што претходно работела работничката.

Дали планирате да го реформирате инспекторатот за труд. Доколку да, какви реформи би спровеле?

Реформи се потребни и во Државниот инспекторат за труд, поради неговата неефикасност, непрофесионалност и честата пасивност кога се работи за решавањето на проблемите на работниците. Наместо овој орган да биде една од движечките сили при одбраната на правата и интересите на работниците, слушаме многу искази од работниците како трудовите инспектори во многу ситуации се во колаборација со работодавачите, при што замижуваат на реалните проблеми. Најоштетени секако се вработените во текстилните фабрики во кои што за жал повеќе владее силата и неправдата, отколку правото и правдата. Левица во својата изборна програма предвидува конкретни решенија во оваа област затоа што не смееме да дозволиме голготата на работниците да продолжи. Ние предвидуваме вработување на нови, мотивирани и неподмитливи инспектори во ДИТ, по можност и од активистичките кругови кои ги знаат проблемите од прва рака.

Дали според Вас, сите оние мерки кои сегашната власт ги презема во ек на коронавирусот, а се однесуваат на работничката класа, вродија со плод? Каде ги гледате најголемите недостатоци?

Освен класичен предизборен поткуп и калкулации со животите на работниците, друго и немаше од страна на оваа техничка Влада. Видовме дека 90% од уредбите со законска сила кои што ги донесоа за време на вонредната состојба воопшто и не се однесуваа на работниците и нивните права, туку на некои секундарни, па и терцијални работи кои што немаа значење во дадениот момент. Десетици илјади работници ги загубија своите работни места поради неспособноста да се изменаџира кризата на правилен начин, нешто што направи огромен број на семејства да врзуваат крај со крај изминативе неколку месеци. Зарем мерки за помош на работничката класа беа доделувањата на лиценци за одгледување на канабис? Или можеби промената на името на монетите и банкнотите? Или пак доделувањата на илјадници па и милиони евра на фирми блиски до Власта во сопственост на милионери кои бркаат работници при првата криза? Знаете, најголем профит од целава криза имаа токму оние кои што најмногу наштетија на самите работници. Најголемите недостатоци се токму во политизирањето и злоупотребувањето на вонредната состојба и техничката влада која што апсолутно ништо нема сторено во интерес на обичниот граѓанин. Токму во овие тешки моменти за работничката класа во Република Македонија, Левица се покажа доста добро во помагањето на овие луѓе, при што само Левица помогна на околу 15.000 работници ширум земјава преку делење на бесплатни правни совети, поднесување на пријави до надлежните инспекторати, поведување на судски постапки и слично.

Како гледате на мерката за помош на компаниите преку исплата во висина на минимална плата од 14,500 денари?

Дефинитивно, целта на таа мерка не беше да се помогне на работниците, туку на одредени фирми блиски до власта. На пример, Анѓушев кој што на ден пред воведување на вонредната состојба остави без работа стотици работници од фирмата „Каст Инвест“ потоа доби скромен “поклон“ од довчерашните колеги. Да биде болката поголема, во пракса не се ни исплаќаат 14.500 денари, туку некои си 7 до 8.000 денари, при што се прави манипулација со мерката од страна на многу фирми, како домашни така и странски. Како и да гледаме на работите, заклучокот е дека работниците беа оставени сами на себе, а сè останато беше само ефтин маркетиншки трик за да се продаде приказната за некаква си фиктивна грижа за граѓаните од страна на државните институции.

Бобан Илијевски