Сараево прогласено за најповолна викенд-дестинација во Европа: Еве колку пари им се потребни на туристите
Сараево според годишната листа на „Post Office Travel Money“ го зазеде првото место меѓу најповолните city break дестинации во Европа за 2026 година.
Истражувањето опфати 50 популарни и растечки европски дестинации, а пресметката се заснова на вкупниот трошок за викенд-патување.
Во анализата се вклучени две ноќевања во хотел со три ѕвезди, вечера од три јадења за двајца со вино, кафе, пиво и сок, повратни аеродромски трансфери, панорамска автобуска тура, 48-часовен билет за локален превоз, како и влезници за една знаменитост, галерија и музеј.

Според тие податоци, викенд во Сараево чини 286 евра, што го прави речиси трипати поевтино од Осло, најскапиот град на листата, каде истиот одмор чини 846 евра. Меѓу најскапите city break дестинации се наоѓаат и Копенхаген со просек од 773 евра, како и Единбург со 771 евро.
„Time Out“ наведува дека Сараево е погодно за викенд-посета поради содржините што можат да се посетат пеш, но и поради музеите како Националниот музеј и Музејот на военото детство, како и разновидното верско и културно наследство. Како поволни опции за посетителите се издвоени и традиционалните оброци, па се наведува дека бурек на градскиот пазар Маркале чини помалку од пет евра.

Се истакнува дека август е особено добар период за доаѓање во градот поради „Sarajevo Film Festival“, кој годинава се одржува од 14 до 21 август. На листата на десет најевтини европски градови за краток одмор, зад Сараево следуваат Букурешт, Тирана, Белград, Тренчин, Рига, Лил, Вилнус, Стразбур и Подгорица.

