СветСветот на работникот

Не е важно што сте завршиле, туку и што знаете да работите: Европа го менува пазарот на трудот

Не е важно што сте завршиле, туку и што знаете да работите: Европа го менува пазарот на трудот

Европскиот пазар на трудот постепено го менува пристапот кон вработувањето. Дипломата и формалните квалификации сè уште се важни, но сè поголем број работодавачи се насочуваат кон тоа што кандидатите навистина знаат да го работат. Практичните вештини, работното искуство и способноста за приспособување на новите технологии стануваат сè поважни при изборот на кадар- објави Еуроњуз.

Овој тренд е познат како пристап „прво вештините“ (skills-first), а според извештајот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), станува збор за промена во која фокусот се поместува од традиционалните квалификации кон реалните способности на работниците. Тоа не значи дека дипломите ја губат вредноста, туку дека тие повеќе не се единствениот показател за тоа дали некој е соодветен за одредено работно место. Целта е работодавачите да ги препознаваат и вештините стекнати преку работа, обуки и неформално образование, а не само оние потврдени со официјална диплома.

Индексот на ОЕЦД за подготвеност и примена на пристапот заснован на вештини покажува дека меѓу европските земји постојат значителни разлики. Шведска има највисока оценка од 0,70, пред Франција со 0,69, Обединетото Кралство со 0,65 и Белгија со 0,64.

Високи резултати имаат и Финска со 0,63, како и Чешка, Норвешка и Латвија со по 0,61. Европскиот просек за анализираните 23 земји изнесува 0,58. Германија има оценка од 0,57, Швајцарија 0,57, а Холандија 0,56. На дното на листата се Унгарија со 0,45 и Грција со 0,46. Според експертите на ОЕЦД, Шведска се издвојува по развиената системска поддршка за стекнување и препознавање вештини, вклучително и користењето податоци за потребите на пазарот на трудот и јавната поддршка за обуки.

Промената е поттикната и од недостигот на квалификувани работници. Повеќе од 70 проценти од работодавачите во земјите на ОЕЦД во 2025 година пријавиле тешкотии при пополнувањето на слободните работни места поради недостиг на соодветен кадар. Истовремено, околу една третина од работниците сметаат дека се преквалификувани или недоволно квалификувани за работата што моментално ја извршуваат.

Експертите посочуваат дека компаниите мора да бараат таленти и надвор од традиционалните образовни патеки, особено затоа што потребните вештини се менуваат побрзо отколку што образовните системи можат да се приспособат. Сепак, дипломите остануваат важен показател за знаење и способности, особено кај професиите за кои се потребни специфично образование и лиценци. Разликата е во тоа што работодавачите сè почесто бараат дополнителен доказ дека кандидатот може практично да го примени она што го научил.

Поголемиот предизвик за европските земји, според експертите, не е само да го прифатат овој модел, туку да го претворат во редовна практика при огласувањето, селекцијата и напредувањето на вработените. За тоа се потребни координирани промени во образованието, системите за обука и политиките за вработување.