Економија

Божиновска од Варшава: Регионалното поврзување и стратешките резерви се приоритет за енергетската сигурност

Гасните интерконектори со Грција и Србија, Вертикалниот гасен коридор и повторното ставање во функција на продуктоводот Солун–Скопје се меѓу проектите со кои Македонија работи на посигурно снабдување со енергија. За нив министерката Сања Божиновска говореше на Седмиот министерски состанок на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) во Варшава.

На средбата, претставници од Европа и САД разговараат за зајакнување на енергетската сигурност и стабилност.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини се осврна и на пораката на полскиот премиер Доналд Туск дека енергијата е прашање на безбедноста и за Европа и за секое семејство.

Според Божиновска, регионалното поврзување и пристапот до повеќе извори на снабдување се меѓу приоритетите на Македонија.

Таа најави дека на панелот посветен на европската енергетска безбедност ќе ги претстави активностите за воспоставување стратешки резерви, како и мерките за заштита на критичната енергетска инфраструктура. Во рамки на обраќањето ќе се осврне и на инфраструктурните проекти за поврзување со регионот.