СветСветот на работникот

Пред закажаното гласање за намалување на квоти за работниците од Западен Балкан, врие од незадоволство

Организациите на германските работодавачи предупредуваат дека оваа одлука ќе има негативни последици за германската економија, особено за градежниот сектор

На почетокот на месецот, германската влада усвои предлог за намалување на годишната квота за вработување работници од Западен Балкан од 50.000 на 25.000.

Станува збор за одлука што веќе беше објавена во коалицискиот договор на конзервативците и социјалдемократите пред формирањето на владата. За промената да стапи на сила, потребно е одобрение од Бундесратот, односно институцијата што ги претставува 16-те германски федерални покраини, а гласањето е закажано за 18 декември.

Сепак, организациите на германските работодавачи предупредуваат дека оваа одлука ќе има негативни последици за германската економија, особено за градежниот сектор, каде што, како што наведуваат, веќе има значителен недостиг на работници. Затоа бараат целосно укинување на овие ограничувања, пишува „Независне новине“,пренесува босанскиот портал Бизнис.

Зошто германската влада ги намалува квотите и покрај недостатокот на работници?

Кога станува збор за оваа мерка, интересно е што противењето на нејзиното воведување може да се најде и кај конзервативците и кај социјалдемократите, но од различни причини, односно идеолошки определби.

Конзервативците традиционално се поблиски до деловните кругови и обично се стремат да донесат закони што ќе и користат на германската економија. Од друга страна, социјалдемократите се залагаат за Германија што ќе биде отворена за контролиран прилив на мигранти.

Сепак, во Германија во изминатите десет години имаше силен раст на екстремната десница, а една од главните причини за нејзиниот пораст е мигрантската криза од 2015 година, чии последици се чувствуваат и денес.

Многумина во Германија веруваат дека една од најголемите грешки на инаку многу популарната поранешна канцеларка Ангела Меркел за време на нејзиниот мандат беше одлуката да ги отвори границите на Германија за повеќе од еден милион мигранти од Блискиот Исток и Јужна и Централна Азија.

Кога Фридрих Мерц, лидерот на германските конзервативци, стана канцелар, едно од неговите централни ветувања беше да ја промени миграциската политика и да воведе построги гранични контроли.

Една од бројните мерки предложени во таа насока е намалувањето на квотата за вработување работници од Западен Балкан од 50.000 на 25.000, иако, како што наведовме, дел од членството на двете владејачки партии во принцип се спротивставува на таквата мерка.

Градежната индустрија би можела да остане без уште 9.000 работници

Според „Бау“, германски медиум специјализиран за градежната индустрија, доколку ова правило стапи во сила, тоа би можело да има многу сериозни последици за таа гранка.

Овој медиум ја пренесува изјавата на Тим Оливер Милер, генерален директор на Главната асоцијација на германската градежна индустрија, кој предупредува дека поради намалувањето на квотата, на градежниот сектор би можело да му недостасуваат речиси 9.000 многу потребни работници.

Според него, тешко е да се заменат тие работници со домашна работна сила или вработени од други сектори бидејќи многу од оние на кои ќе им биде одземена можноста да дојдат имаат значително практично искуство.

На германскиот пазар на трудот веќе му недостасуваат луѓе со соодветни квалификации, особено за работа на челични и бетонски конструкции.

Милер рече дека само минатата година се пензионирале околу 17.000 градежни работници.

Работниците вработени врз основа на Регулативата за Западен Балкан, како што изјави, овозможуваат работата на градилиштата да се одвива без прекин.

Намалувањето на нивниот број може да доведе до одложувања и повисоки трошоци во станбените и инфраструктурните проекти, како и да ја забави економската активност во локалните области.

Во исто време, Милер потсети дека станбената изградба и инфраструктурните проекти се меѓу главните приоритети на германската влада, наведени во коалицискиот договор.

Секој седми градежен работник има странски пасош

Слична проценка даде и Централното здружение на германската градежна индустрија, кое наведува дека секој седми вработен во германскиот градежен сектор има странски пасош.

Како што истакна Феликс Паклепа, директорот на ова здружение, ако Германија сака да гради станови, да обновува мостови и да ги проширува енергетските мрежи, не може истовремено да го ограничи доаѓањето на работниците кои ги извршуваат овие работи.

„Приближно 35 проценти од сите издадени визи досега врз основа на Регулативата за Западен Балкан се однесуваат на вработување во градежни компании. За добивање согласност е потребен специфичен договор за вработување, а според податоците на Федералната агенција за труд, 98 проценти од работниците опфатени со регулативата работат на работни места за кои социјалното осигурување е задолжително. Претставниците на градежниот сектор бараат укинување на ограничувањата и што е можно побрз премин кон целосно дигитален процес на издавање визи“, наведува „Бау“, пренесува босански Бизнис.