СветСветот на работникот

Грција бара работници: Непополнети повеќе од 46.000 работни места

Недостигот од работници во Грција станува сè поголем проблем за економијата, а потребата од кадар веќе не е ограничена само на туристичката сезона.

Грција се соочува со сè поизразен недостиг на работна сила, проблем кој со години беше најкарактеристичен за туристичката сезона, но сега се проширува и во други сектори на економијата. Работодавците сè потешко доаѓаат до работници, и покрај тоа што во земјата сè уште има невработени лица.

Во вториот квартал од 2026 година, бројот на непополнети работни места достигнал 46.400, што претставува зголемување од 19,4 проценти во споредба со истиот период минатата година, пренесува „Катимерини“.

Најголем недостиг во хотелите и рестораните

Најголема потреба од работници има во секторот за сместување и угостителство, каде што се регистрирани околу 15.000 непополнети работни места. Во текот на една година, бројот на слободни позиции во оваа област се зголемил за повеќе од 10.000.

Недостигот на кадар е забележлив и во други дејности. Во јавната администрација и одбраната има 6.100 непополнети работни места, додека во трговијата на големо и мало се евидентирани уште 5.400 слободни позиции.

Сè помалку невработени, но работодавците тешко наоѓаат кадар

Според анализата на економистот Јанис Холезас од грчкиот Центар за планирање и економски истражувања (KEPE), недостигот од работници повеќе не е само сезонски проблем поврзан со туризмот.

Бројот на вработени во Грција достигнал 4,41 милион, што е годишен раст од 0,6 проценти. За споредба, една година претходно растот изнесувал 1,4 проценти.

Истовремено, стапката на невработеност се намалила од 8,6 на 7,9 проценти, а бројот на невработени лица е помал за 32.000.

Извор: BizPortal