СветСветот на работникот

Во која земја работниците се најсреќни? Индија на врвот на глобалната листа

Индија е земјата во која вработените се најзадоволни и најсреќни на работното место, додека Јапонија се наоѓа на последното место на глобалната листа. Ова го покажува истражувањето „Global Workplace Joy Index“ на компанијата Edenred, спроведено меѓу 17.450 вработени и 8.920 претставници на човечки ресурси во 27 земји.

Според резултатите од истражувањето, Индија има индекс на работна радост од 73 поени, а зад неа се наоѓаат Мексико и Перу со по 72 поени. Бразил е на третото место со 70 поени, додека Чиле има 69, а САД 68 поени.

На регионално ниво, Латинска Америка има просек од 70 поени. Англосаксонските земји, меѓу кои Велика Британија, САД и Австралија, имаат просек од 63 поени, колку што изнесува и глобалниот просек.

Нордиските и германските земји, како и земјите од Јужна Европа, имаат по 62 поени, додека Централна и Источна Европа бележат просек од 60 поени.

На дното на листата, покрај Јапонија, се наоѓаат Португалија со 56 поени, Словачка и Чешка со по 57, како и Бугарија и Грција со по 58 поени. Јапонија е последна со 47 поени.

Задоволните работници се попродуктивни и полојални

Истражувањето покажува дека задоволството на работното место не е само прашање на добра атмосфера, туку е тесно поврзано и со продуктивноста, лојалноста на работниците и деловните резултати на компаниите.

Дури 94 отсто од работниците со високо ниво на задоволство очекуваат да останат кај сегашниот работодавач во наредните 12 месеци. Кај работниците со ниско ниво на задоволство, овој процент изнесува 63 отсто.

Разликата е значителна и во однос на продуктивноста. Дури 73 отсто од задоволните работници сметаат дека се попродуктивни отколку пред една година, додека истото го изјавиле само 27 отсто од оние со ниско ниво на задоволство.

Што ги прави работниците посреќни?

Меѓу најважните фактори што придонесуваат за задоволството на работниците се издвојуваат бенефициите, можностите за професионален развој, признанието за постигнатите резултати, како и квалитетните односи со колегите и раководителите.

Особено е нагласена важноста на редовното препознавање и вреднување на трудот на вработените. Само 18 отсто од испитаниците навеле дека од своите раководители добиваат формално или неформално признание најмалку три пати месечно.

Според студијата, дури и едно признание месечно може да направи значителна разлика. Процентот на работници кои очекуваат да останат во компанијата се зголемува од 73 на 86 отсто кога наместо целосно отсуство на признание, работникот добива едно признание месечно. Истовремено, показателот за продуктивност се зголемува за 23 процентни поени.

Менаџерите имаат попозитивна слика од работниците

Истражувањето открива и разлика меѓу перцепцијата на раководителите и реалното искуство на работниците. Претставниците на човечки ресурси го оцениле просечното ниво на работна радост со 7,6 од 10, додека самите работници го оцениле своето задоволство со 6,6.

Важноста на бенефициите, пак, расте со позицијата во компанијата. Дури 75 отсто од повисоките раководители сметаат дека бенефициите се подеднакво важни или поважни од основната плата. Истото мислење го делат 60 отсто од работниците на средни позиции.

Авторите на истражувањето заклучуваат дека компаниите кои сакаат да ги задржат квалитетните кадри и да ги подобрат деловните резултати треба да инвестираат во подобри услови за работа, бенефиции, можности за напредување и организациска култура во која трудот и придонесот на работниците се препознаваат и вреднуваат.

Глобалниот индекс на работна радост се заснова на десет показатели, меѓу кои се енергијата, гордоста, чувството на цел, поврзаноста со колегите, почитувањето, исцрпеноста, фрустрацијата и вкупната ангажираност на работниците.