МакедонијаСветот на работникот

Зошто работниците се плашат да побараат повисока плата: „Ќути, трај, барем имаш работа“ сè уште е присутно

Разговорот за повисока плата сè уште претставува непријатна тема во многу компании, како за работниците кои се двоумат дали да го постават прашањето, така и за работодавците кои често немаат подготвен јасен одговор. Стравот од одбивање, несигурноста, финансиската зависност од работното место и недоволната транспарентност во однос на платите се дел од причините поради кои многумина не се осмелуваат да побараат подобро финансиско вреднување на својот труд.

Со години се градела култура во која работниците се охрабруваат да ја прифатат постојната ситуација, со оправдување дека е најважно да имаат работа. Оттука, барањата за повисока плата често се одложуваат или се дочекуваат со неодредени одговори дека компанијата во моментот нема можност за зголемување.

Според Даниела Тодоровска Пепиќ, правник и специјалист за човечки ресурси, ваквата култура влијае врз самодовербата на работниците и нивната способност да ја препознаат и аргументираат сопствената професионална вредност.

„Со години кај нас се градела културата ‘Ќути, трај, барем имаш работа’, па разговорите за зголемување на платата најчесто завршуваат со одговори како ‘ќе има можност’, ‘сега не можеме’ или ‘буџетот на компанијата не дозволува во моментот, има многу трошоци’. Со текот на времето, вработениот почнува да верува дека неговото барање нема да промени ништо, па дури и дека можеби не вреди толку колку што бара“, посочува Тодоровска Пепиќ.

Стравот од одбивање и недостигот на транспарентност

Многу работници се двоумат да иницираат разговор за повисока плата поради страв дека ќе бидат одбиени, дека ќе остават негативен впечаток кај претпоставените или дека на некој начин ќе ја загрозат својата позиција во компанијата. Дополнително, недоволната транспарентност во однос на платите создава простор за недоверба, нееднаквост и тешкотии при проценувањето дали работникот е соодветно платен за својот труд.

„Причините се повеќе: страв од одбивање, страв од губење на работното место, недостаток на самодоверба и недоволна свест за сопствената професионална вредност. Дополнително, платите кај нас сè уште се третираат како деловна тајна, што создава простор за нееднаквост, споредби и недоверба. Многумина едноставно не сакаат да го ризикуваат работното место од кое финансиски зависат“, објаснува таа.

Сепак, забележливи се промени во начинот на кој дел од работниците ги поставуваат своите очекувања. Помладите генерации сè почесто отворено разговараат за платите, професионалниот развој и условите за работа, а доколку не добијат соодветно вреднување, размислуваат и за промена на работното место.

Тодоровска Пепиќ смета дека ова е важна лекција и за другите генерации, бидејќи работниците треба да научат да се залагаат за себе и аргументирано да го претставуваат својот придонес.

Каква улога имаат човечките ресурси?

Одделите за човечки ресурси имаат значајна улога во создавањето средина во која разговорите за платите, професионалниот развој и напредувањето нема да се сметаат за непријатни, туку за нормален дел од работниот однос.

Освен процесите на вработување, воведување во работата, оценување на перформансите и следење на резултатите, потребно е да се посвети поголемо внимание и на тоа како работниците се подготвуваат да разговараат за својот развој и финансиското вреднување.

„Тука гледам и голем простор за одделот за човечки ресурси. Ги воведуваме вработените во компанијата, ги запознаваме со задачите и очекувањата, ги оценуваме нивните перформанси, но многу поретко ги подготвуваме да разговараат за сопствениот развој и финансиско вреднување. Не е доволно само да знаеме што некој треба да подобри, туку треба да знаеме и како неговите резултати ќе се препознаат и наградат“, вели Тодоровска Пепиќ.

Според неа, компаниите треба да работат на поголема транспарентност, со јасно дефинирани плати, критериуми за зголемување и можности за кариерен развој.

На крајот, прашањето за повисока плата не е само индивидуална борба на работникот да собере храброст и да побара повеќе. Тоа е и прашање на организациската култура, на политиките што ги спроведува работодавецот и на тоа дали компанијата создава услови во кои трудот, резултатите и професионалниот придонес се препознаваат и соодветно се наградуваат.