СветСветот на работникот

Купила обичен скенер, а за еден час заработува колку три дневници: Нејзините термини се пополнети до јануари

23-годишна девојка од САД го претвори дигиталното скенирање на предмети со сентиментална вредност во необичен бизнис, за кој наплаќа 75 долари на час.

Рејли Долан (Reilly Dolan), 23-годишна девојка од американскиот град Синсинати, во сојузната држава Охајо, одлучила да не ја следи традиционалната патека на вработување во компанија, туку да започне сопствен бизнис. Нејзината идеја е едноставна, но необична – дигитално скенира предмети од лични колекции и ги претвора во уметнички композиции што клиентите можат да ги испечатат и изложат.

За услугата најчесто наплаќа 75 долари за час, а интересот е толку голем што нејзиниот распоред веќе е пополнет до јануари. До крајот на годината очекува приход од околу 20.000 долари од овој бизнис.

Како што раскажала за „Бизнис инсајдер“, клиентите ѝ носат различни предмети – од колекции на камчиња и клучеви, до медали, стари шишиња парфеми и други предмети што имаат посебно значење за нив. Таа ги скенира, ги распоредува во внимателно осмислени композиции и создава дигитални слики што можат да се претворат во уметнички дела.

Идејата се родила за време на студиите

Долан започнала да експериментира со скенирање на предмети пред околу пет години. Во почетокот ги распоредувала предметите на маса и ги фотографирала со мобилен телефон, но подоцна открила дека универзитетската библиотека располага со висококвалитетни скенери кои можат да дадат многу подобри резултати.

Технологијата ѝ овозможила да создава детални композиции, а идејата дополнително се развила за време на нејзиниот завршен студентски проект. Тогаш направила книга од 100 страници, инспирирана од играта „I Spy“, во која биле претставени луѓе и нивните колекции.

Токму во тој период сфатила дека ова може да биде повеќе од студентски проект и дека постои интерес кај луѓето да ги претворат предметите што ги чуваат со години во нешто што ќе можат да го гледаат секој ден.

По позитивните реакции на социјалните мрежи, во март годинава одлучила да го започне сопствениот бизнис. По дипломирањето во мај, изнајмила студио за да има простор за работа, но и за прием на клиенти кои ги носат или ги преземаат своите колекции.

Во опремата инвестирала околу 2.500 долари, купувајќи два скенери „Епсон“ со висока резолуција, модели произведени во 2010 година, за кои вели дека и понатаму функционираат одлично.

Наплаќа 75 долари за час, а најголемата нарачка била 1.500 долари

Повеќето клиенти ја пронаоѓаат преку Инстаграм. Откако ќе ги разгледаат нејзините работи, пополнуваат контакт-формулар и разговараат со неа за да објаснат кои предмети сакаат да ги зачуваат и каков резултат очекуваат.

Меѓу клиентите има уметници, музеи, но и луѓе кои сакаат да ги зачуваат своите лични и семејни спомени на поинаков начин.

„Обично наплаќам 75 долари за час, но размислувам да преминам на пакет-услуги, бидејќи така на луѓето полесно им е да ја разберат цената“, објаснила таа.

Најголемата поединечна нарачка досега ѝ донела 1.500 долари. За една изложба во музеј за текстил скенирала 500 примероци на ткаенини од Советскиот Сојуз од 1940-тите години.

Еден од поновите проекти бил особено личен. Клиентка сакала колекцијата камчиња што ја собирала уште од детството да ја претвори во големо уметничко дело кое ќе го зафаќа целиот ѕид во нејзината спална соба.

„Ми кажа дека сите тие предмети биле спакувани во кутии и дека всушност сака секој ден да може да ги гледа“, раскажала Долан.

Скенерот работи 30 секунди, но композицијата може да трае еден час

Иако на прв поглед изгледа дека станува збор за едноставна услуга, најголемиот дел од работата не е самото скенирање, туку внимателното распоредување на предметите.

Еден скен трае околу 30 секунди, но создавањето композиција може да потрае и до еден час. Во процесот таа ги усогласува облиците, текстурите и боите, за предметите да создадат хармонична целина.

„Тоа е како составување сложувалка. Ги усогласувам облиците, текстурите и боите“, објаснила таа.

Понекогаш композицијата ја менува неколку пати, дури и откако веќе направила првично скенирање, бидејќи се обидува да го пронајде најдобриот распоред на предметите.

Ги скенира семејните спомени, медали и стари шишиња парфеми

Нејзината работа не е ограничена само на уметнички колекции. Таа соработува и со семејства кои сакаат да создадат спомен од предмети што ги наследиле или што ги поврзуваат со блиски личности.

Досега скенирала колекции од клучеви на нечии родители, воени медали наследени од дедовци, камчиња, шишиња парфеми и многу други предмети со сентиментална вредност.

Посебно внимание посветува и на пакувањето и транспортот, бидејќи дел од предметите се незаменливи. Клиентите мора внимателно да ги пакуваат, а таа исто така ги обезбедува при враќањето.

„Дури ставам и ‘Ертаг’ уреди во пакетите што ги испраќам назад, за да бидам сигурна дека пратката нема да се изгуби при транспортот“, објаснила Долан.

Сè уште работи и други работи, но сака ова да ѝ биде главен бизнис

Иако нејзиниот нов бизнис веќе има значителен интерес, Долан засега не се потпира исклучиво на него. Таа сè уште работи со скратено работно време во бронзена леарница, а се занимава и со хонорарни дизајнерски работи.

Сепак, нејзината цел е дигиталното скенирање на колекции да стане главната професионална активност.

Пред да го започне бизнисот, поминала низ неколку процеси за интервјуирање за корпоративни работни места, но сфатила дека таквата работна средина не е за неа.

„Беше како да облекувам нешто или да ставам маска. Ми е потребно да бидам верна на себе, а оваа работа ми го овозможува тоа“, заклучила таа.

За изминатите шест месеци вели дека биле најлудите во нејзиниот живот, но и дека е благодарна што одлучила да ризикува и да си даде шанса.

Извор: Bizportal.rs