LEGO вложува една милијарда евра во нова фабрика во Португалија, ќе вработи над 1.000 работници
Данската компанија LEGO планира да инвестира околу една милијарда евра во изградба на нова фабрика во Португалија, со цел да одговори на зголемената побарувачка за своите производи во Европа и да го прошири присуството на пазарите во Африка и на Блискиот Исток.
Новата фабрика ќе биде изградена во Естареја, јужно од Порто, ќе се простира на 115.000 квадратни метри и, кога ќе работи со полн капацитет, ќе вработува повеќе од 1.000 работници.
Почетокот на изградбата е планиран за првата половина на 2027 година, додека производството се очекува да започне во 2030 година.
Станува збор за осмата фабрика на LEGO во светот и четвртата во Европа. Во новиот производствен погон ќе се изработуваат пластични коцки и други производи на компанијата. Фабриката ќе ги опфаќа производствените процеси, обработката, пакувањето и складирањето.
Од компанијата најавуваат дека новиот погон ќе биде нивната технолошки најнапредна и најавтоматизирана фабрика досега.
Директорот за оперативни активности на LEGO, Карстен Расмусен, изјавил дека фабриката првенствено ќе ги снабдува европските пазари, но ќе има важна улога и во поддршката на проширувањето на компанијата во Југоисточна Европа, Африка и на Блискиот Исток.
Португалија била избрана поради растечката економија, квалификуваната работна сила и добрата поврзаност со транспортните мрежи.
Инвестицијата доаѓа во период на значителен раст на компанијата. Продажбата на LEGO во првата половина од годината е зголемена за 21 процент.
На растот, меѓу другото, влијаело и лансирањето на 330 нови сетови, меѓу кои и реплика на трофејот од Светското првенство во фудбал, производи инспирирани од франшизата „Покемон“, како и соработката со Формула 1.
Извор: b92.net

