СветСветот на работникот

Француска студија: Намален број на огласи за работни места најмногу изложени на вештачка интелигенција

Употребата на вештачка интелигенција во изминатите четири години доведе до намалување на бројот на огласи за работа во занимањата најизложени на оваа технологија, се нагласува во студија објавена од француската компанија Coface.

Според економистите Аксел Аркие и Орелиен Дитоа, автори на студијата, за занимања што се 10 проценти изложени на вештачка интелигенција, што значи дека 10 проценти од работните задачи можат да се автоматизираат, бројот на огласи за работа на порталот „France Travail“ (француската национална служба за вработување) се намалил за 12,4 проценти во третиот квартал.

Користејќи ја истата методологија, авторите забележале слични трендови во јавните служби за вработување во Германија (пад од 10,2 проценти на огласите) и Шведска (пад од 10,8 проценти), и покрај тоа што тие земји имаат многу различни економски структури.

Во студијата, се проценува дека, поради влијанието на вештачката интелигенција, имало 25.000 помалку огласи за работа на платформата „France Travail“ во текот на тој квартал.

Најпогодените занимања често се мултифункционални и застапени во широк спектар на различни сектори.

На пример, во секторот за човечки ресурси, каде што веќе 25,9 проценти од задачите можат да се автоматизираат, бројот на слободни работни места е намален за 42,8 проценти во споредба со просекот во другите сектори.

Областите на продажба (вклучувајќи телемаркетинг), сметководство и менаџмент, информациски и телекомуникациски системи, како и дизајн, истражување и развој, во индустрискиот или градежниот сектор се во голема мера погодени.

Вештачката интелигенција се уште не предизвика бран отпуштања во Европа, бидејќи компаниите се уште не се сосема сигурни како да ја усвојат технологијата, рече Аксел Аркиер.