Дипломирале, па се откажале од компјутерите: Младите сè повеќе избираат занаети што вештачката интелигенција не може да ги замени
Во време кога вештачката интелигенција сè повеќе го менува пазарот на трудот, младите луѓе бараат сигурност во професии што бараат вешти раце, трпение, креативност и знаење кое се стекнува со години.
Наместо работа пред компјутер, сè повеќе млади луѓе се одлучуваат за книговезачки занает, обработка на метал, изработка на чамци и други традиционални професии за кои веруваат дека тешко можат да бидат заменети со вештачка интелигенција.
Овој тренд е забележлив и во Велика Британија, каде што млади луѓе со универзитетски дипломи сè почесто се откажуваат од идејата за кариера во канцеларија и се насочуваат кон занаети кои бараат физичка работа, практични вештини и човечка креативност.
Една од нив е 27-годишната Ерин Лоли, дипломирана политикологинка, која одлучила својата иднина да не ја гради во дигиталниот свет. Таа сега е на втора година од обуката за книговезец во работилницата „Ludlow Bookbinders“ во англиската област Шропшир.
Станува збор за занает чии основни техники не се промениле значително со векови. Книгите се изработуваат и поврзуваат рачно, со помош на стари преси, машини за втиснување фолија и четки за нанесување лепило.
„Дури и долгото гледање во екран ми беше тешко. Отсекогаш сакав да работам нешто што можам да го допрам, а мислам дека еден предмет има посебна вредност кога е направен од човек“, објаснила таа.
Како што вели, задоволство ѝ носи повторувањето на одредена постапка сè додека не ја доведе до совршенство. Таквата работа за неа претставува и своеобразен предах од светот во кој компјутерите и алгоритмите сè почесто одредуваат што прават луѓето.
Во Велика Британија останале помалку од 50 рачни книговезци
Враќањето кон традиционалните занаети не е само личен избор на поединци, туку и можност да се зачуваат професии кои постепено исчезнуваат.
Пол Кидсон, директор на работилницата „Ludlow Bookbinders“ и книговезец од четвртата генерација, проценува дека во Велика Британија денес има помалку од 50 книговезци кои се занимаваат со овој занает на рачен начин.
Тој објаснува дека обуката за овој занает почнала да исчезнува во втората половина на минатиот век, додека во почетокот на осумдесеттите години престанале да функционираат и формалните програми за чиракување.
Поради тоа, работилниците денес мора сами да ги обучуваат новите генерации мајстори.
Сепак, интересот на младите повторно расте, а постои и пазар за рачно изработени предмети. Издавачите на луксузни книги се подготвени да инвестираат во специјални изданија чија вредност не е само во содржината, туку и во начинот на кој се изработени.
Издавачката куќа „Folio Society“, која соработувала со работилницата „Ludlow“ на ограничено издание на книга од серијалот „Игра на тронови“, не користи генеративна вештачка интелигенција во креативниот процес.
Нејзината директорка Џоан Рејнолдс истакнува дека е важно да се поддржат луѓето кои се занимаваат со креативна работа, особено во моментот кога се соочуваат со сè поголем притисок од технологијата.
За две места за обука пристигнале повеќе од 160 пријави
Дека интересот за рачните професии расте покажува и примерот на лондонската компанија „Cox London“, која се занимава со уметничка обработка на метал и дизајн.
Компанијата минатата година започнала програма за обука на чираци, а оваа година добила повеќе од 160 пријави за само две места.
Една од учесничките во програмата, Лаки Емерсон, смета дека рачно изработените предмети имаат посебна вредност токму затоа што во нив се вградени трудот и креативноста на човекот.
За неа, физичката работа со материјали е нешто што технологијата не може едноставно да го надомести, особено во време кога купувачите сè повеќе ја ценат оригиналноста.
Нејзината колешка Назифа Табасум има нешто поинаков став. Таа не верува дека вештачката интелигенција целосно ќе ја замени нејзината работа, но смета дека ќе го промени начинот на кој се извршува.
Според неа, технологијата може да помогне во работата, но не може да го замени знаењето, искуството и задоволството што ги носи изработката на предмет со сопствени раце.
Во театарот за едно место конкурирале 728 кандидати
Традиционалните занаети повторно добиваат значење и во креативната индустрија, каде што се бараат луѓе кои умеат да изработуваат костими, перики, реквизити и метални елементи за театарски претстави и филмски продукции.
Во лондонскиот Национален театар, програмите за обука опфаќаат различни области, од информатичка технологија до изработка на перики, костими и сценски предмети.
Претставниците на театарот предупредуваат дека одредени занаети исчезнуваат и дека е неопходно да се обучат нови генерации мајстори.
Колку е голема конкуренцијата за работа покажува податокот дека на последниот конкурс за едно место за обука пристигнале дури 728 пријави.
Истовремено, работодавците се соочуваат и со голем број пријави генерирани со помош на вештачка интелигенција, поради што сè потешко ги издвојуваат кандидатите кои навистина имаат соодветен интерес и способности, пишува „Гардијан“.
Сето ова покажува дека пазарот на трудот се менува побрзо отколку што многумина очекувале. Додека одредени професии се приспособуваат на автоматизацијата, вештините што бараат прецизност, креативност и физичка работа повторно добиваат на вредност.
Извор: Bizportal.rs

