СветСветот на работникот

Американските работодавачи во 2027 година ќе бараат работници со вештини за вештачка интелигенција, најавуваат и повисоки плати

Работодавачите во САД сè повеќе се насочуваат кон вработување кадар со знаења и вештини за користење на вештачката интелигенција, а дел од компаниите се подготвени да понудат и повисоки плати. Според истражување на американската платформа за вработување „ZipRecruiter“, технологијата би можела да биде еден од главните двигатели на вработувањето во 2027 година.

Според годишното истражување, 67 проценти од американските работодавачи очекуваат зголемување на бројот на вработени во текот на 2027 година. Овој процент е повисок во споредба со претходното истражување, кога 63 проценти од компаниите очекувале нови вработувања.

Особено значајно е што 30 проценти од работодавачите во САД сметаат дека вештачката интелигенција ќе придонесе за отворање нови работни места, додека 21 процент очекуваат нејзината примена да доведе до намалување на бројот на вработени.

Побарувачката за работници со знаења поврзани со вештачката интелигенција веќе не е ограничена само на технолошките компании. Во САД се очекува зголемено вработување и во градежништвото, производството, финансиските услуги, образованието и други сектори.

Една од причините за ваквите очекувања е потребата од изградба и одржување на центри за обработка на податоци, како и развој на инфраструктурата неопходна за поширока примена на технологијата.

Истражувањето покажува дека во октомври речиси двојно се зголемил уделот на огласите за работа на платформата „ZipRecruiter“ во кои се споменува вештачката интелигенција. Уделот достигнал 7,4 проценти, во споредба со четири проценти во истиот период претходната година.

Компаниите во САД се подготвени да понудат и повисоки плати

Работниците кои имаат вештини за користење на алатки базирани на вештачка интелигенција би можеле да имаат предност при барањето работа, но и да добијат повисока плата.

Според истражувањето, 41 процент од американските работодавачи наведуваат дека нудат повисоки плати на кандидатите кои поседуваат вештини за работа со алатки за вештачка интелигенција.

Сепак, „ZipRecruiter“ предупредува дека американскиот пазар на трудот и натаму може да биде предизвикувачки за лицата кои штотуку започнуваат со својата кариера, особено поради промените што ги засегаат работните позиции на почетно ниво.

И покрај растечката важност на технолошките знаења, работодавачите продолжуваат да ги ценат и човечките способности, како критичкото размислување и решавањето проблеми.

Во таа насока, речиси половина од компаниите, односно 48 проценти, користат тестови за практични вештини при оценувањето на кандидатите. Тоа е зголемување во споредба со претходното истражување, кога вакви тестови користеле 38 проценти од компаниите.

Истражувањето било спроведено меѓу раководители задолжени за процесите на вработување во 1.500 американски компании.

Извор: Bizportal