ЕВРОПА ОЧАЈНО БАРА РАБОТНИЦИ Германија не може да пополни 83% од работните места, овие професии се најбарани
Од градежници и медицински сестри до инженери и експерти за вештачка интелигенција – недостигот од квалификуван кадар станува сериозен проблем за европската економија.
Европа и понатаму се соочува со сериозен недостиг од квалификувани работници, иако притисокот на пазарот на трудот постепено се намалува. Најбарани се градежници, инженери, медицински работници, возачи, келнери, готвачи и техничари, а сè поголема побарувачка има и за стручњаци со знаења од вештачката интелигенција.
Според истражувањето на „Менпауер груп“ (ManpowerGroup), 72 проценти од работодавачите во светот во 2026 година имаат тешкотии да најдат кандидати со соодветни квалификации. Особено сериозна е состојбата во Германија, каде што проблем со пронаоѓање работници пријавиле 83 проценти од компаниите. Во Франција процентот изнесува 74, а во Обединетото Кралство 73 проценти.
Меѓу најдефицитарните професии во Европа се водоинсталатери, електричари, градежни инженери, монтери, сервисери на климатизација, медицински сестри, лекари и информатичари. Нова промена на пазарот е недостигот од експерти за вештачка интелигенција, чии вештини за првпат се најтешки за пронаоѓање, надминувајќи ги традиционалните инженерски и информатички компетенции.
Проблемот е изразен и кај малите и средните компании. Според податоците од Евробарометар, 46 проценти од нив имаат тешкотии да најдат работници со потребните квалификации. Во Хрватска, пак, најмногу се бараат келнери, готвачи, месари, пекари, ѕидари, столари, бравари, медицински сестри и инженери. Недостигаат и информатичари, лекари и фармацевти.
Причините за недостигот се стареењето на населението, заминувањето на голем број работници во пензија, недоволниот број млади кадри и брзите технолошки промени. Дополнителен проблем се платите и условите за работа во одредени сектори. Иако недостигот од работна сила е помал отколку во постпандемискиот период, европските компании сè почесто се принудени самите да ги обучуваат и преквалификуваат вработените.
Пораката од европскиот пазар на трудот е јасна: најголема вредност добиваат работниците со конкретни стручни знаења, технички вештини и способност да се приспособат на новите технологии.

