ЕкономијаСвет

Овие Јапонци овошјето го плаќаат како да е од злато: Еден грозд достигна цена од 6.000 евра

Премиум овошјето во Јапонија достигнува неверојатно високи цени, а на првата овогодишна аукција на островот Хокаидо, пакување од седум јаболка беше продадено за околу 570 евра.

Станува збор за јаболка од сортата „Нанамитсуки“, кои беа продадени на локалниот пазар на Хокаидо, пренесува „Japan Today“.

Цената е иста како онаа што ја достигна најскапата серија на минатогодишната аукција. Сортата потекнува од градот Нанае, кој е познат како едно од првите места во Јапонија каде што започнало одгледувањето јаболка од западен тип.

Овогодишните јаболка се покрупни и имаат помалку оштетувања во споредба со минатогодишните, кога голем дел од родот беше уништен од тајфуни.

Две дињи продадени за 35.000 евра

Премиум овошјето во Јапонија редовно достигнува исклучително високи цени на првите сезонски аукции. Купувачите, меѓу кои често има компании и трговци, ваквите набавки ги користат и за промотивни цели.

Еден од најпознатите примери се дињите од сортата „Јубари Кинг“ (Yubari King), кои се одгледуваат на Хокаидо. Две такви дињи на аукција во 2026 година беа продадени за 5,8 милиони јени, односно околу 35.000 евра.

Високи цени достигнува и јапонското манго. Сортата „Таијо но Тамаго“ (Taiyo no Tamago), позната по исклучителниот квалитет, на првите аукции достигнувала цена од 500.000 јени за два плода, што е околу 3.000 евра.

Ниту грозјето не заостанува. Еден грозд од сортата „Руби Роман“ (Ruby Roman), која се одгледува во префектурата Ишикава, бил продаден на аукција за еден милион јени, односно приближно 6.000 евра.

И лубениците достигнуваат илјадници евра

Посебно место меѓу скапото јапонско овошје заземаат и лубениците.

Две лубеници од сортата „Раиден“ (Raiden) биле продадени на аукција во Сапоро за 400.000 јени, што е околу 2.400 евра.

Црната лубеница „Денсуке“ (Densuke), која исто така се одгледува на Хокаидо, достигнувала цена од 700.000 јени, односно приближно 4.200 евра.

Сепак, овие цени не ги претставуваат вообичаените пазарни вредности на овошјето. Станува збор главно за првите сезонски аукции, на кои трговците и компаниите со високите понуди купуваат и публицитет.

Оваа практика е дел од јапонската традиција, но истовремено претставува и маркетиншка можност за производителите и продавачите да го привлечат вниманието на јавноста.

Извор: b92.net