Забавувањето на кинеската економија се продлабочува: Потрошувачката и инвестициите потфрлија, извозот бележи силен раст
Кинеската економија забавила во октомври, откако малопродажбата, индустриското производство и инвестициите забележале послаби резултати од очекуваните. Тоа го покажуваат најновите податоци на кинескиот Завод за статистика, објавени во понеделникот.
И покрај слабите резултати на домашниот пазар, извозот на Кина пораснал за 35,2 отсто, надминувајќи ги очекувањата. Трговскиот суфицит веќе во октомври достигнал еден билион долари, што е најбрзо достигнување на ова ниво досега.
Според оценките на „Блумберг“ и CNBC, овие показатели укажуваат на слабоста на домашната побарувачка и сè поголемата зависност на втората најголема светска економија од извозот.
Кинеската економија во третото тримесечје забележала годишен раст од 4,5 отсто, но речиси 40 отсто од растот на бруто-домашниот производ (БДП) произлегол од нето-извозот. Тоа укажува дека домашната потрошувачка и инвестициите сè уште немаат доволна сила да го поттикнат економскиот раст.
Малопродажбата и индустриското производство под очекувањата
Малопродажбата во октомври пораснала за само 0,4 отсто во споредба со истиот месец минатата година. Тоа е значително под очекуваниот раст од 0,8 отсто, но и под септемврискиот резултат од 1,1 отсто.
Индустриското производство забележало годишен раст од 4,8 отсто, што исто така е послабо од прогнозите на аналитичарите, кои очекувале раст од 5,3 отсто. Во септември растот изнесувал 5,5 отсто.
Особена загриженост предизвикува падот на инвестициите во основни средства, вклучително и во недвижности и инфраструктура. Во првите десет месеци од годинава тие се намалиле за 8,1 отсто во споредба со истиот период во 2025 година.
Според проценките на „Блумберг“, само во октомври инвестициите паднале за 17 отсто на годишно ниво, што претставува најголем пад надвор од периодот на пандемијата на Ковид-19.
Кризата на пазарот на недвижности ја притиска потрошувачката
Слабата потрошувачка на домаќинствата е под влијание на повеќегодишната криза на кинескиот пазар на недвижности и падот на вредноста на имотот на граѓаните.
Цените на станбените недвижности продолжиле да паѓаат и во октомври, додека инвестициите во овој сектор во првите десет месеци од годината се намалиле за 21,6 отсто.
Од друга страна, силниот извоз во голема мера е поттикнат од глобалната побарувачка за технологии и опрема поврзани со вештачката интелигенција.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека зголемената зависност од странската побарувачка претставува ризик за кинеската економија. Особена неизвесност создаваат можноста за забавување на глобалниот инвестициски бум во вештачката интелигенција, како и потенцијалните нови трговски ограничувања од Европската Унија.
Какви се прогнозите за кинеската економија?
Кинеските власти очекуваат економскиот раст оваа година да се движи меѓу 4,5 и пет отсто.
Аналитичарите на „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs), пак, предвидуваат дека растот ќе забави на 4,6 отсто во 2026 година и на 4,5 отсто во 2027 година.
Според оценките на аналитичарите на „Блумберг“ и CNBC, кинеските власти би можеле да посегнат по дополнителни фискални мерки доколку забавувањето на економијата продолжи.
Централната банка засега, сепак, покажува претпазливост кога станува збор за намалување на каматните стапки.
Извор: b92

