(АУДИО) „400 милиони евра ја чинат Македонија несреќите при работа – 2,000 евра е највисоката казна, еве толку вреди човечкиот живот“
Порталот Работник неодамна пишуваше за казните коишто се пропишани за прекршување на прописите од областа на безбедноста и здравјето при работа. Според Државниот инспекторат за труд, казните за непочитување се движат од 150, па до 3,000 евра, согласно Законот за прекршоци. Сепак, доколку истите бидат платени во рок од 8 дена, нивниот износ се преполовува. Тоа значи дека ако казната е 3,000 евра, работодавачот кој ги прекршил прописите ќе плати 1,500 евра. Треба да се земе во предвид дека казните се различни за микро, мали, средни и големи компании.
Од ДИТ исто така посочија дека во 2021 година, најмногу несреќи при работа имало во градежништвото, рударството итн.
На овие теми, денеска разговараме со Претседателот на Македонското здружение за заштита при работа, Милан Петковски.
На почетокот на разговорот го прашавме, кој е неговиот став околу износот на казните.
Пред се, треба да разбереме што во суштина е казната. Ако не ја разбираме казната, тогаш таа нема смисла, истакна Петковски.
Казната самата по себе е последица на непримена на нешто што сме се договориле. Ако Законот го сфатиме како еден вид на договор помеѓу заинтересираните страни – Законот за безбедност и здравје при работа ги дефинира обврските на двете страни, а тоа се работодавачот и вработениот. Во тој случај, оној кој врши надзор над спроведувањето на овој Закон е државата преку своите институции кои се во форма на разни инспекциски тела, авторитети итн. Во овој случај го имаме Државниот инспекторат за труд, вели Петковски.
*Во аудио разговорот е вметнат само делот каде што зборува Г-динот Петковски.
Поентата на безбедноста и здравјето при работа, објаснува Петковски е создавање на таа т.н. превентивна култура, која се однесува на сите чинители. Од вработениот кој ги работи наједноставните задачи, до работодавачот, Претседателот на државата итн. Македонија, вели тој, е длабоко „изместено, можеби би бил преблаг збор, општество кое ги импровизира работите, на тој начин што всушност дури и казната како казна е политичка алатка – за додворување на некој.
Казните кај нас, истакна тој, ја немаат онаа иницијална цел, некого да корегираат, односно „превоспитаат“, туку многу повеќе на сите оние останати, да дојде во ситуација и да им предочи дека не се исплати да го кршат Законот и дека многу повеќе се исплаќа да се постапува по истиот. Петковски го спомена членот 11 од Законот за безбедност и здравје при работа, кој пропишува дека треба да се обезбедат безбедни и здрави работни услови за вработените.
Во измените и дополнувањата кои беа донесени на 21 јануари 2020 година, а излезени во Службен весник на 27 истиот месец, убаво нашите политички непромисленици или промисленици, дојдоа во ситуација да си изгласаат намалување на казните, за некаде 50% од првичните кои беа поставени во Законот за безбедност и здравје при работа. Од таму дојдоа, (а истото ова како прашање го поставив и на една средба, дали со ова веќе се стимулира работодавачот), во ситуација да им е поевтино да не ги пременуваат мерките, отколку да ги применуваат, рече Петковски.
Ако тргнеме од наједноставните, односно најниските глоби коишто се наплатуваат според овој Закон, ќе видиме дека всушност од 200 евра, би била најниската казна за микро работодавач. Овие казни се во делот на обезбедувањето на мерките за безбедност и здравје при работа, несклучени потребни договори, писмени известувања, одговорност поради напуштање од страна на вработените на работното место поради опасност, неинформирање на вработените итн., посочи Петковски.
Доколку му се исплаќа на него, вели тој, зборуваме за еден мал, микро работодавач (големиот ќе плати до 600 евра), ставете го тоа во контекст дека 50 % од 200 евра се 100 евра или 600, највисоката сума во оваа смисла, се 300 евра, па дојдете во ситуација да видите дали работодавачот ќе биде стимулиран да го почитува или да не го почитува Законот.
Највисоката казна, за оние големите работодавачи и оние најсериозни прекршоци на самиот Закон, поради неиспитување на работната средина, дозволување пристап на вработени лица на работни места на коишто има сериозни и специфични опасности, изнесува 4,000 евра, а 50 % од оваа казна е 2,000 евра, вели Петковски и додава:
Ако се чудите колку пари чини еден живот, еве ви 2,000 евра. 2,000 евра се доволно да платите на државата и да дојдете во ситуација дека можете да правите што сакате. Се обидувам тука еден малку потежок тон да му дадам на овој дел, но кога ќе дојдеме во ситуација дека измените и дополнувањата на Законот за безбедност и здравје при работа, со указот од 21 јануари 2020, потпишан од Претседателот Пендаровски, предложен од страна на Претседателот на Собранието, Џафери, може да се заклучи дека во безбедноста и здравјето при работа се создава една некултура во превентивното делување.
Таа некултура на превентивно делување, појасни Петковски, често пати се обидуваат да им ја предочат на овие големци дека истата се плаќа во човечки животи, а не во пари.
Ова често пати го гледаат во нивните извештаи кои ги објавуваат годишно, каде што во просек, еден работник гине на работното место, каде што во просек во изминатите десетина години, околу 1,500 луѓе потешко се повредуваат. Целокупниот товар на сите овие повреди и несреќи кои резултираат со смртни последици, во дури конзеравативни рамки, би биле 4% од Бруто домашниот произод, според проекциите на Меѓународната организација на трудот.
Во пари, во Маке донија тоа би биле некаде околу 400 милиони евра годишно.
Сега видете зошто сме сиромашни, како сме сиромашни, колку се грижиме за луѓето, зошто го имаме овој пристап, кога на крајот се се‘ сведува на многу едноставна равенка – се исплаќа да не применуваш безбедност и здравје при работа, се исплаќа да не им обезбедиш безбедни и здрави работни услови на вработените, рече Петковски и додаде:
Едноставно математиката е тука. Не велам дека други работи, како што се политичките ситуации, опкржувањата, секојдневните менатални ‘силувања’ на обичниот граѓанин на Македонија, немаат удел во сето тоа. Но, предничат луѓе кои всушност не ја разбираат проблематиката, политички се индоктринирани да делуваат, всушност да прават пазар за нешто што не треба да се прави пазар. Дел од нашата сегашана реалност, можеме да ја најдеме во претходно кажаното.
Во однос на тоа што може да се направи, за да се осигура почитување на мерките за безбедност и здравје при работа, Петковски вели дека на крајот се сведува на тоа дека е потребно некое „магично решение“. Потенцираше дека во еден негов јавен настап рекол дека, ако е потребно да се изнајде некое брзо решение, тоа би било да дојдат од Германија и да управуваат со државата.
Петковски се осврна и на тоа дека на почетокот од мандатот на Претседателот Стево Пендаровски му испратил писмо во кое посочил дека е потребно да направи проценка на ризик на неговото работно место, но и на вработените во неговиот кабинет. До ден денес, како што вели, се‘ уште не добил одговор на тоа писмо. Ова според него, сигнализира дека не се почитува експретизата на вистниските експерти.
За податоците коишто ги доби „Работник“ од ДИТ за несреќите при работа кои се случиле во 2021 година, Петковски вели дека не може да се очекува од Инспекторат кој не ги третира несреќите во сообраќајот кои им се случуваат на службените превозници и несреќите во земјоделството, како несреќи при работа, да има соодветна статистика за истите.
Петковски е уверен дека доколку Македонија нема помош од страна на европските институции присутни во земјава, ситуацијата би била многу полоша од што е сега. „Тие поради цивлизациски причини се обидуваат да ги насочат работите во Македонија кон, еве да кажам, една подемократска страна на битисување. Ова да е оставено на нас, јас мислам дека и ден денеска ќе живеевме во пештера“.
Заклучи дека се се става на „игнорирај“ и дека се што е поврзано со безбедноста и здравјето при работа се става на чекање, вклучително и судски предмети.

