Без строги контроли, има ризик од зголемување на фирми кои нема да исплаќаат плати

Компаниите ќе можат да изберат помеѓу бескаматни кредити и исплата на минимална плата, мерка којашто е позната и како „14,500 денари по работник“, ова го соопшти неодамна, премиерот на Р. Македонија Зоран Заев. Оваа мерка првобитно изнесуваше 14,500 денари, но во четвртиот пакет беше креирана на тој начин да се доделува скалесто, од 14,500 па до 21,776 денари, во зависност од тоа колку компанијата којашто аплицира за ваков вид на помош е погодена од корона кризата.

Порталот Работник објави дел од мерките коишто ќе бидат дел од петтиот пакет мерки, каде што наместо исплата на плати беше предвидено да се дадат бескаматни кредити на компаниите. Информацијата предизвика бурни реакции од страна на бизнис заедницата. Вицепремиерот пред неколку денови ја смири бизнис заедницата, со тоа што рече дека мерката за исплата на плати ќе продолжи и во петтиот пакет мерки, за да неколку денови подоцна и Премиерот Заев ја потврди истата информација.

Ако е во игра мерката за исплата на плати, тогаш кој би земал бескаматни кредити?

Бескаматните кредити коишто Владата ќе ги вклучи во петтиот пакет мерки, како што е наведено во презентацијата претставена на социјалните партнери, ќе бидат наменети за да им помогнат на компаниите преку грант компонента од 30 % преку Развојна банка за поддршка на плати со 0% камата, 12 месеци грејс период и рок на отплата од три години.

Порталот Работник се обрати до Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија, прашувајќи го на кои компании ќе им одговараат бескаматните кредити, а на кои исплата на плата.

Според Димитров, компаниите кои поради прекин на работниот процес имаат пад на приходите, ќе одберат за исплата на плати, за да ги задржат работниците. Компаниите пак, кои работеле но поради проблемот со плаќањето од страна на купувачите имаат проблем со ликвидноста, ќе се определат за бескаматни кредити, за да го пребродат периодот на неликвидност.

„Добро е што Владата ги прифати забелешките на бизнис заедницата и наместо само бескаматни кредити најави и субвенционирање на плати како мерка за поддршка на компаниите погодени од КОВИД кризата“, вели Димитров.

Тој заклучи дека ваквата одлука е логична и оправдана затоа што кај некои компании има проблеми со немање на работа и кратење на синџирите на снабдување, а кај други има проблем во ликвидноста.

Што велат експертите?

Универзитетскиот професор и економски експерт Марјан Петрески за порталот Работник вели дека бескаматните кредити се солиден инструмент за помош на компаниите кои имале пад на ликвидноста поради надворешни фактори, во случајов наметнатите ограничувања на работењето, особено во текот на јануари, и ограничувањата кај трговските партнери во Западна Европа кои се релевантни за некои од гранките во преработувачката индустрија.

„Оттука, клучното прашање не е дали се потребни бескаматни кредити, туку дали тие се целосна замена за мерката „14.500 денари по работник“. По мое убедување, целта на двата инструмента може да биде различна, особено ако бескаматниот кредит не се врзе цврсто за платите на работниците. Ако сте претпријатие, кредитот може да го користите за различни намени, но кај најпогодените сектори зборуваме за неопходноста да се задржат работните места, а во моментов не можеме да зборуваме дека тие размислуваат за некакви инвестиции“истакна Петрески.

Според него, ако бескаматниот кредит е наменски за да се задржат работните места, тогаш би бил адекватна замена за мерката „14.500 денари по работник “.

Вели дека без строга контрола на користењето на средствата, ризикуваме да се зголеми бројот на фирми кои нема да исплаќаат плата, што како тема можеби звучи веќе и банално, бидејќи со неа се занимаваме како општество веќе неколку месеци.

Тој се согласува со тоа да можат компаниите да изберат која мерка ќе ја користат, но уверен е дека најголемиот дел од компаниите ќе ја изберат исплатата на плати.

За која мерка навиваат синдикатите?

Од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, за порталот Работник рекоа дека тие ја поддржуваат мерката со бескаматни кредити, бидејќи истата нема да им дозволи на работодавачите да ги злоупотребат парите и да не ги исплатат на работниците.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија сметаат оти треба да продолжи финансиската помош за исплата на плати на работниците, особено во најзагрозените сектори, како – туризмот, угостителството, градежништвото, текстилната и кожарската индустрија, медиумите и тн.

За бескаматните кредити, од ССМ велат дека никаде не стои дека тие грантови се за исплата на плати, туку се наменети за обновување на производствените потреби, како што се машините.

Сепак, останува да се види како ќе тече имплементирањето на петтиот пакет мерки, откако истиот ќе биде официјално објавен. За потсетување, Владата за истиот издвои 50 милиони евра.

Бобан Илијевски