ЕкономијаМакедонија

АмЧам: Квалитетните јавни политики се предуслов за посилна конкурентност и инвестиции

Квалитетот на јавните политики, нивната предвидливост и начинот на кој се вклучуваат засегнатите страни во процесот на нивно креирање се важни предуслови за подобро деловно окружување, значајни иновации, поголема конкурентност и долгорочно одржлив економски развој. Ова беше во фокусот на работниот дијалог „Редефинирање на креирањето јавни политики: од консултации до заедничко создавање“, организиран од Американската стопанска комора (АмЧам) во Северна Македонија, со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.

На настанот учествуваа претставници на компании членки на АмЧам, институции и други релевантни чинители, со цел да се отвори конструктивна дискусија за тоа како процесите на одлучување можат да станат поинклузивни, подобро засновани на податоци и насочени кон практични резултати.

Главен говорник на настанот беше Стивен Езел, потпретседател за глобална иновациска политика во Information Technology and Innovation Foundation – ITIF од Вашингтон, една од водечките американски think-tank организации во областа на иновации, индустриски политики и глобална конкурентност. Тој ги претстави меѓународните искуства за тоа како успешните економии ги дизајнираат, спроведуваат и оценуваат јавните политики засновани на докази, со посебен осврт на врската меѓу регулаторната предвидливост, иновациите, инвестициите и долгорочната конкурентност.

Во дискусијата беше истакнато дека тековното ниво на иновации не е доволно за потребите на економијата и дека е потребен поамбициозен пристап кон создавање услови што ќе поттикнуваат развој, примена и комерцијализација на иновации.

Учесниците посочија дека Северна Македонија има солидни основи во делот на образуван кадар, дигитална адаптација и високотехнолошки извоз, но дека недостасуваат поконзистентни политики, регулаторна рамка што поттикнува иновации, како и поширока култура на иновации и преземање ризик.
Посебен акцент беше ставен и на потребата од долгорочна предвидливост во јавните политики, подобра подготвеност за реализација на стратешки проекти и поголем фокус на секторите во кои државата може да изгради конкурентска предност, особено во енергетиката, дигиталните услуги, инфраструктурата и индустриите со повисока додадена вредност.

Беше нагласено и дека малите економии како Северна Македонија треба повеќе да се фокусираат на побрза имплементација и примена на постоечки технологии и бизнис модели, наместо да се обидуваат да конкурираат во создавање целосно нови технологии.

Како дел од посетата на Стивен Езел, АмЧам организираше и посебна затворена CEO тркалезна маса на тема „Конкурентност во новата иновациска економија: што може да направи Северна Македонија сега“, на која извршни директори од компании членки на АмЧам дискутираа за предизвиците поврзани со растот, иновациите, инвестициите и продуктивноста на домашната економија. Во рамки на дискусијата беше отворено и прашањето за потребата од поактивна соработка меѓу институциите, бизнис-заедницата и академската заедница во процесот на креирање политики и развој на долгорочна економска стратегија.

Дополнително, беше отворена и дискусија за пристапот до капитал, развојот на venture capital и private equity екосистемот, како и потребата од инструменти што ќе овозможат полесно финансирање на иновативни компании и растечки бизниси.

Една од клучните пораки од двата настани беше дека процесот на креирање политики е еднакво важен како и нивната содржина. Политиките што се подготвуваат низ отворен дијалог, со навремено вклучување на институциите, бизнис-заедницата и експертската јавност, имаат поголеми шанси да бидат применливи, предвидливи и усогласени со реалните потреби на економијата и општеството.

Преку овие активности, АмЧам продолжува да дава придонес кон пошироката дискусија за тоа како Северна Македонија може да гради посовремен и покоординиран пристап кон економскиот развој – пристап во кој иновациите, инвестициите и продуктивноста се поврзани со поквалитетно креирање јавни политики, поголема регулаторна предвидливост и посилна соработка меѓу јавниот и приватниот сектор.