Бектеши: Најмногу струја потрошило министерството за локална самоуправа, најштедливо министерството за култура

Оваа калкулација прозлегува од анализа на податоците од електродистрибуција за потрочувачката на струја во државните институции, како Владата, министерствата, кабинетот на претседателот на државата, Собранието, ЕСМ и МЕПСО.

-Шест субјекти имаат намалена потрошувачка, но немаат остварено заштеда од 15 отсто, додека останатите се над тој процент. Единствено зградата на Министерството за локална самоуправа има зголемена потрошувачка на електрична енергија, споредено со истиот месец минатата година – рече Бектеши на прес-конференција.

Според мерките и препораките кои се донесоа во изминатиот период за заштеда на електрична енергија за полесно поминување на зимскиот период, минималната заштеда која треба да ја остварат државните институции изнесува 15 отсто.

Министерството за култура, пак, заштедило 40 отсто електрична енергија, истакна Бектеши. Според податоците што ги соопшти министерот, во зградата на Владата заштедата е 25 отсто, во Министерството за внатрешни работи 21 отсто, во Министерството за култура 40 отсто, Министерството за образование и наука 35 отсто, во Министерството за политички систем 22 отсто, во транспорт и врски 30 отсто, во Министерството за труд и социјална политика 36 отсто, Министерството за финансии заштедило 32 отсто струја, Министерството за економија 30 отсто, Собранието, како што информираше Бектеши, има заштеда од 29 отсто, додека кај кабинетот на претседателот на државата заштедата е 17 отсто.

Најмалку штедливи биле во Министерството за здравство, кое потрошило само два отсто помалку струја во споредба со истиот месец лани и МНР кое е под минималниот праг од 15 отсто.

Бектеши забележа дека државните претпријатија заштедиле струја под пропишаниот минимум, додека пак општини кои најмалку заштедиле се Арачиново, Гостивар и Свети Николе.