ИнтервјуаНовости

Биле вклучени останатите синдикати или не, НЕМА да остапиме од нашите барања, вели Коцевски

   Време за читање 5 минути

Неодамна, Синдикатот на полиција во Македонија одржа средба со Македонскиот полициски синдикат, па решивме да поразговаравме со Претседателот на СПМ, Орце Коцевски околу средбата. Попатно, отворивме и уште неколку други прашања.

Работник:Неодамна одржавте средба со МПС. За што стана збор на средбата?

Коцевски: Да, точно на ден 21.07.2023 година на наша покана во просториите на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС одржавме, може да кажам, историска работна средба помеѓу дел од раководството на СПМ и дел од раководството на МПС.

Напоменувам дека на средбата стана збор, пред се‘ за борбата за иста цел, односно подобрување на условите за работа и подобрување на социо-економскиот статус на вработените во МВР. Сепак најголем акцент на состанокот се даде за нашиот предлог а тоа е Барањето “за едно евро еден бод” со преземање на мерки и активности во иднина за ново зголемување на платите и добивање на уште подобри услови за вработените во МВР. Од страна на раководството на МПС недвосмислено првично беше заземен став дека тоа е реално барање кое вработените во Министерството за внатрешни работи го заслужуваат. Од нивна страна на крајот од состанокот беше дадено уверување за писмено да се произнесат до нас во врска со ова барање до крајот на месец август оваа година.

viber image 2023 07 26 12 50 32 269

Пак ќе напоменам дека како СПМ знаеме дека оваа наша средба, дел од членството односно дел од вработените многу погрешно ја протолкуваа (напоредно со однапред испланиран и оркестриран напад на поединци), но како Претседател на СПМ ќе кажам дека на крајот најбитни се членовите и вработените во МВР. Нека се стрпат некое време и јас ги уверувам сите, а посебно неистомислениците, биле вклучени останатите синдикати или не, НЕМА да отстапиме се‘ до исполнување на нашето барање а тоа е зголемување на платите за едно евро еден бод. Времето ќе покаже дека оваа наша борба ќе вроди со плод и нема да отстапиме се‘ до тоа негово исполнување.

Но пак ќе повторам доколку некои од синдикатите имаат било какво барање коешто е подобро од барањето за едно евро еден бод, секако ние како Синдикат максимално ќе го поддржиме.

Работник: Вашиот првобитен план беше да одржите средба и со МПС и НСП. Зошто на средбата не присуствуваа претставници на НСП?

Коцевски: Да на средбата од оправдани причини не присуствуваа претставници на Независниот синдикат на полицијата, но како што моите информации говорат за ова прашање за зголемување на платите евро-бод имаме подршка и верувам дека во наредниот период ќе оствариме работна средба и со нив и заеднички ќе ги утврдиме црвените линии за нашата понатамошна борба.

viber image 2023 07 26 12 50 32 541

Работник: Како ќе ја продолжите Вашата синдикална борба понатаму?

Коцевски: Иако сметаме дека е недоволно во овој момент, најпрвен до Министерот за внатрешни работи доставивме Барање за спроведување на постапка за измена на одредби од Законот за внатрешни работи со кое бараме да се спроведе и иницира измена на членот 141 од Законот за внатрешни работи до Собранието со кои ќе се исправи долгогодишната неправда која е сторена кон сите работници во МВР. После нашето согледување со оглед на тоа дека „Основната плата“ во член 141, ст.2, алинеа 1 од ЗВР е пропишана и се пресметува согласно членовите 143 и 144 од истоимениот закон, бараме и предлагаме измени на членот 141 од Законот за внатрешни работи кој после предложените наши измени основната плата во МВР ќе биде еднаква со минималната плата во Република Македонија што како Синдикат предвреме ќе кажам дека е основно и срамно барање кое мора да се исполни во најбрз период. Вакво слично барање испративме и до Претседателот на Владата, но иако е поминато повеќе време немаме повратен одговор ниту од МВР ниту од Владата. Пред неколку дена исто вакво барање поднесовме до сите пратенички групи во Собранието и веруваме дека пратениците ќе ги разгледаат и донесат предложените измени. Со измените всушност ќе се исправи неправдата која со години наназад им е нанесувана на полициските службеници. По не знам кој пат ќе повторам основната плата на полицаец во моментов изнесува 15.200 денари, што сметам дека ова претставува пораз и срам на самата професија Полицаец. Доколку сакаме задоволна полиција ова прашање мора експресно да се реши и Полицијата да добие повисоки плати онолку колку што заслужува.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера