Бислимоски: Доколку се одржи планираното производство не верувам дека ќе има поскапување на струјата на регулираниот пазар

Доколку АД ЕСМ го одржи планираното производство на електрична енергија не верувам дека по 31 декември ќе има потреба од зголемување на цената на струјата на регулираниот пазар, оцени денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.

-До 31 декември цената на електричната енергија која ЕСМ и ја продава на ЕВН Хоум е 48 евра за мегават час , рече Бислимоски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во РКЕ.

Тој нагласи дека РКЕ ќе направи сериозни анализи пред носење на каква било одлука за цената на струјата.

Лично, како што кажа, е против основните и средните училиштата, јавните комунални претпријатија и компаниите кои Владата ќе смета дека треба да им се помогне да се вратат на регулираниот пазар.

-Сметам дека апсолутно треба да им се помогне, но тоа треба да го направи ЕСМ преку својата компанија ЕСМ Продажба која има лиценца за снабдување со електрична енергија и да им понуди цени кои се исти или повисоки од оние на регулираниот пазар. Така ќе им се помогне на многу поедноставен начин. Доколку, пак, тие се вратат на регулираниот пазар ЕСМ ќе треба да продава електрична енергија на ЕВН Хоум по цена од 48 евра за мегават час и во тој случај дополнително би се направил притисок на цената на електричната енергија за домаќинствата поради зголемувањето на трошокот за маржа, рече Бислимоски.

Маржата на тој начин, потенцира ќе се зголеми за пет до седум милиони евра.

-ЕСМ Продажба може да им продава по цени кои се исти или повисоки од тие кои се на регулираниот пазар и при тоа ЕСМ да заработи дополнителни средства. Доколку се вратат на регулираниот пазар тогаш ЕСМ ќе биде принуден согласно тоа што е одобрено на тендерот и е заклучено како договор да продава по цена од 48 евра за мегават час и тоа дополнително ќе направи зголемување на трошокот на маржа. Доколку тоа се прави преку ЕСМ Продажба, ЕСМ може на месечно ниво да ја коригира својата цена која ќе им ја понуди имајќи во предвид дека има најави од Европската комисија дека можеби ќе се воведе ограничување на цените на електричната енергија на берзите, пред се, за производните капацитети кои не се на природен гас, потенцира Бислимоски.