Битиќи: Ако е потребно Владата ќе ги замрзне цените на одредени производи и по март 2023 година

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи денеска на прес-конференција информира дека собраните пари од данокот за екстра профит, кој би се вовел еднаш, само за 2022 година, ќе се користат за справување со кризата. Тој уште најави дека ако е потребно, Владата ќе ги замрзне цените на одредени производи, како и дека ќе креира мерки за помош на најранливите категории граѓани и по март следната година кога истекуваат постојните. Одговарајќи на новинарско прашање околу новите вработувања во УЈП, Битиќи рече дека има целосно нови но има и дел со префрлање на вработени од други институции.

„Иако се залагам за целосно либерализирана пазарна економија, ако е потребно ќе ги замрзнеме цените бидејќи граѓани заслужуваат да се однесуваме етички во овие моменти солидарно кон заедничкото справување со кризата, рече Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање во врска со зголемувањата на цените на храната и на електричната енергија“, изјави денеска на прес конференција, вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Тој истакна дека веќе се гледаат првите резултати на враќање на одредено ниво на цените на основните прехранбени производи.

„Лично не сум задоволен од брзината на која рагираат сите, сметам дека можеа солидарно побргу тоа да го направат зашто во криза сите се погодени и сметам дека затоа целосно поддржувам воведување нов данок за екстра добивка бидејќи тоа е еден начин како кон одредени структури треба соодветно да се однесуваме. И наредната година ќе биде период на криза“, рече Битиќи.

Собраните пари од данокот за екстра профит, кој би се вовел еднаш, само за 2022 година, ќе се користат за справување со кризата, рече вицепремиерот.

Овој данок, како што појасни, ќе се однесува само за профитот остварен годинава и е поголем од четиригодишниот просек, а со него се очекува да се опфатат неколку илјади компании.

„Компаниите коишто евентуално ќе се опфатат со законот се сите компании кои имаат приход над 10 милиони евра во оваа година и кои имале одреден профит. Моделот е компаниите кои имаат приход над 10 милиони, ако нивниот просечен профит во последните четири години не е поголем од 12 отсто оваа година, тие нема да се опфатат. За симулација, компанија има просечен профит последните четири години од еден милион евра, оваа година му се дозволува раст од 20 отсто, тоа значи 1,2 милиони евра. До 1,2 милиони евра ќе имаат иста даночна стапка каква што имало и сега за данокот за добивка. Разликата од 1,2 милиони евра до евентуално новиот профит, којшто на пример е два милиони евра, односно на разликата од 800 илјади евра се пресметува 30 отсто данок на добивка само за оваа година, или дополнителни 240 илјади евра ќе бидат платени во име на данок на добивка“, рече Битиќи.
Според вицепремиерот, целта не е да да казнат некого, туку сметаат дека праведноста и правичноста во секој даночен пристап треба да бидат клучни.

Околку енергетската енергија, тој смета дека успеал да осигураат и да не дозволат зголемувањата да бидат енормни до ниво на пазарни цени.

„Ме радува тоа што ЕСМ гарантира дека следната година производството на струја не само што ќе биде зголемено туку ќе се врати во најдобрите години од пред 20 години можеби кога тоа не се случило некогаш во нашата држава и сето тоа во кризна година и затоа мислам дека секое едно поместување на цените и еден посто некогаш за одедени категории на граѓани боли, за најранливите ќе креираме мерки за да им помогнеме да се справат. Активни се мерките кои ги воведовме. Ќе продолжиме и од март кога истекуваат, да креираме нови мерки за најмалку да го осетат најранливите категории граѓани евентуалното зголемување на цени“, додаде Битиќи.

Одговарајќи на новинарско прашање околу новите вработувања во УЈП, Битиќи рече дека има целосно нови но има и дел со префрлање на вработени од други институции.

Во Управата за јавни приходи (УЈП) ќе имаат можност да се пријават за вработување сите кои ги исполнуваат условите, односно ќе се префрлаат вработени од други институции, но ќе има и целосно нови вработувања. Нашата заложба е дека мора да ги јакнеме инспекциските служби и да се бориме против неформална економија, мораме да овозможиме механизам со кој ќе го контролираме системот. Во наредниот период ќе продолжат вработувањата кај инспекциските служби во сите сектори. Но, нема да може да имаме на ниво на кое претходно сме се навикнале вештачки да се зголемува бројот. Ќе има хоризонтално движење на луѓето, но и вертикално вижење во самите институции на луѓето по различни основи за да ги пополнуваат работните места“, рече на денешната прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање околу новите вработувања во УЈП.

Прашан колку е намален вкупниот број административци за една година, Битиќи одговори дека само по основ на пензионирање е намален за илјадници.