- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Битиќи: Владата ги поддржува домашните компании за поголема конкурентност

Битиќи: Владата ги поддржува - Работник
179views

Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи денес изврши посета на неколку компании од Охрид со кои Владата има склучено договори за државна помош.

Посетата на Охрид, Вицепремиерот Битиќи, ја започна со посета на компанијата АСП-ПАК, домашна успешна компанија, еден од двата најголемите производители на решенија за пакување и мрежни решенија во Европа, која лани потпиша договор за инвестициски циклус за 5 години за нивни инвестиции во вредност од над 5 милиони евра.

„Мене ме радуваат повеќе информации во врска со оваа компанија, тоа е бројот на вработени кои се околу 300, креирани се солидно платени работи места , производството на компанијата околу 97% оди за извоз, значи станува збор за целосно извозна компанија. Токму вакви компании, кои создаваат добро платени работни места, кои се конкурентни на меѓународните пазари, кои создаваат производи со повисока додадена вредност се двигатели на нашата економија и тие се оние кои ги задржуваат младите да останат да работат во нашата земја“, нагласи Вицепремиерот.

Битиќи додаде дека успешните домашни компании Владата ќе продолжи и понатаму да ги поддржува, да ги стимулира да го прошируваат своето производство, да се модернизираат и дигитализират, да го прошируваат асортиманот на производи, да отвораат нови работни места и да освојуваат нови пазари. 

„Колку повеќе извозно ориентирани компании имаме во нашата земја, тоа ќе придонесе за побрз развој и одржливост на економијата. Владата ќе биде партнер на компаниите и понатаму да продолжат да се развиваат. И АСП-ПАК и сите други кои се охрабруваат на нови инвестиции во производство ќе бидат стимулирани да продолжат со успех да работат и да придонесуваат кон поубаво заедничко општество“, потенцираше вицепремиерот Битиќи обраќајки се на сопственикот на АСП-ПАК, Петар Спасески.

Сопственикот на АСП-ПАК, Петар Спасески истакна дека е многу задоволен што Владата го донесе Законот за финансиска поддршка на инвестиции,  со кој се изедначија странските и домашните фирми по статусот, односно се изедначија по можностите што нашето општество и нашата држава ги пружа на сите правни субјекти.

„Дури и во оваа година, во година на криза, можам да кажам дека нашата фирма постигнува резултати поголеми во однос на минатата година, благодарение на исклучителниот напор на сите вработени и благодарение на нашите партнери што се ширум Европа и во светот. Во однос на нашата фирма сакам да ви кажам дека постои околу 25 години и секоја година бележи раст во производство, раст во број на производи, раст во коминтенти и освојување на пазари. Моментално сме присутни на европскиот пазар и пазарите на Блискиот исток и традиционално веќе работиме солидно, но започнавме активности и за први испораки на северноамериканскиот континент, во САД и во Канада каде оваа година очекуваме први испораки да се случат кон крај на декември. Благодарение на договорот со Владата за поддршка на домашните компании, ние се наоѓаме во фаза на реализација на проект за дигитализација на севкупното производство во фабриката. Тој проект ќе заврши за 2 години и на крај очекувањата се поголема ефикасност на производството за околу 30%, намалување на шкартот или постигнување на повисоко ниво на квалитет на нашите произоди. Во исто време очекуваме олеснување на работата за сите вработени во фирмата и на крај бенефитот кон кој се стремиме сите е зголемување на платите или приближување до европските стандарди за нашите вработени“, посочи сопственикот на АСП-ПАК Петар Спасески.

Сопственикот на АСП-ПАК додаде дека оваа компанија продолжува со нови инвестиции во изградба на нова хала, која очекува да биде завршена за 2 години, со што ќе се добие нов модерен производствен капацитет и уште подобри услови за работа на вработените во компанијата.