Благодарноста како тајно оружје на поздрави и поуспешни компании
Изразувањето благодарност, и дома и на работното место, може да го намали стресот, да го подобри расположението и да помогне полесно да се совладаат секојдневните предизвици. Иако изгледа како ситница, оваа едноставна навика има моќ целосно да го промени начинот на кој го гледаме животот.
Првото нешто што Алисон С. Џонс го прави секое утро е да наброи три работи на кои е благодарна. Понекогаш тоа е само ветерчето од вентилаторот, а понекогаш поддршката од пријател во тежок момент. Таа е консултантка за организациски развој и вели дека оваа навика ѝ помогнала да ја преброди анксиозноста, несигурноста и предизвиците на водење сопствен бизнис како самохрана мајка.
„Кога ја вежбате благодарноста, го тренирате мозокот постојано да го бара доброто во секоја ситуација. Тоа целосно го менува вашиот поглед на животот“, вели таа. „Почнувате да ги гледате лекциите дури и во болката, убавината и тешките моменти, затоа што сфаќате – ‘Хеј, јас зајакнувам преку ова.’“
Зошто е важна благодарноста на работа?
Во време кога отказите, несигурноста и стресот ги оптоваруваат вработените, благодарноста може да биде едноставна, но моќна алатка за зголемување на моралот. Истражувањата покажуваат дека вработените кои добиваат искрена благодарност почесто им помагаат на колегите, се чувствуваат повеќе ангажирани и задоволни. Сепак, и покрај сите бенефити, културата на благодарност сè уште е запоставена во многу работни средини.
Како да се внесе благодарноста во секојдневието?
Почнете со мали чекори. Ако сте нови во оваа пракса, пробајте нешто едноставно – како Алисон, изговорете три работи на кои сте благодарни уште пред да станете од кревет, пренесува Euronews.
Нејзиниот совет е: избегнувајте повторувања – секој ден најдете нешто ново. Така благодарноста станува навика што не досадува.
Препорачува и да најдете „партнер за благодарност“ – пријател, колега или член од семејството со кој ќе ги споделувате мислите, било во живо, преку пораки, е-пошта или телефон. Многумина водат и дневник на благодарност.
Како да се негува благодарноста на работа?
Петар Бонано, експерт за развој на организациска култура, советува лидерите на тимови да ги започнуваат состаноците со благодарност до колегите за добро завршена работа од претходната недела. Луѓето, вели тој, природно прво ги забележуваат проблемите и негативностите, но благодарноста може да ја смени таа перспектива и да создаде поголемо меѓусебно разбирање во тимот.
Други предлози се: рачно напишани пораки со благодарност од страна на менаџерите, подароци за посебни животни настани (купување дом, посвојување дете), или донации во производи за лекари, пожарникари, медицински сестри и други кои се грижат за заедницата.
Важно е да се истакне: изразувањето благодарност не значи дека треба да се задоволиме со било што. „Благодарноста не значи дека треба да ја прифатиме неправдата“, вели Алисон. Луѓето имаат право да бараат основни услови – како паузи за оброк. Благодарноста треба да нè зајакне, а не да нè направи пасивни.
Извор: BIZLife/K. J.

