Велкоска: Онлајн наставата нуди доста можности, но училницата е незаменлива
Воведувањето на вонредната состојба и прекинувањето на редовниот наставен процес, пред нас како наставници создаде нови предизвици да се реорганизираме и прилагодиме на нов тип настава, он-лајн или настава на далечина. Оваа состојба го доведе прашањето кој начин на учење да го користат наставниците. Не постоеше унифициран модел за изведување на он-лајн настава. Знаејќи дека наставничката професија не е ни малку лесна, едноставна, но напротив стресна, одговорна, сложена и е насочена кон мотивирање, поттикнување на интересот кај учениците за успешно учење требаше да пристапиме одговорно и професионално пред учениците и пред себе си, вели за порталот Работник, Анета Велкоска, одделенски наставник во ОУ „Браќа Миладиновци“ – Скопје.
Според неа, да се едуцираат најмладите е нешто најхумано, највредно и ако е изградено со љубов ќе остане засекогаш.
„Наставниците секогаш се подготвени да учат, поучуваат за да создадат личности со позитивни вредности и да градат перманентно образование. Наставата непречено се реализира според наставниот план и програма од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието со волја и амбиции да им овозможиме на учениците да го надградуваат своето знаење. МОН и БРО ја најавија можноста за следење на неформалниот начин на едукација на децата преку емисијата ТВ Училница на МРТВ во која земав учество“, вели Велкоска.
Таа истакна дека без разлика дали сите наставници имаат еднакви услови, можности, поголемо или помало искуство во снаоѓање со технологијата и информатичките вештини за спроведување на он-лајн наставата, користат сопствени компјутери, лаптопи, интернет, ресурси кои ги обезбедуваат од сопстевниот буџет за да одговорат подеднакво на барањата. Сплотени, во тимска работа споделуваат најразлични идеи, начини на учење и овозможуваат да им бидат достапни на своите колеги, на учениците и родителите без разлика кој колку направил, објавил, споделил, не мерејќи се во работата. Се организираат он-лајн проекти, натпревари, конкурси, интеракција со институциите, со списанијата за деца во електронска форма, вон наставни активности кои се споделуваат на социјалните мрежи.
Таа наведе дека потребно е да се направат заеднички напори да го селектираат и реализираат само она што е најнеопходно од наставната програма, да ги редуцираат домашните задачи и обврски на децата само на најнеопходните, да не ги изложуваат на дополнителен стрес ни децата, ни родителите, ниту самите себе, да не инсистираат на комплетна реализација на секоја наставна единица и сите заедно да придонесат да се намали психолошкиот притисок кај секој од нив.
„Да ја спроведуваме он-лајн наставата толку колку што е потребно да се одржи одреден континуитет и динамика во воспитно-образовниот процес на децата и да се реализира само она што е најбитно. Добро е во вакви услови да се обезбеди скратена наставна програма и МОН да споделува примери, да работи на унифицирана платформа, да организира бесплатни обуки на наставниците за ваков вид на настава. Паралелно со изведување на он-лајн настава да има постојана техничка и стручна поддршка за наставниците и да им се обезбедат технички услови (компјутери, бесплатен интернет). За својата истрајност и посветеност треба да бидат наградени со почит и достојна плата која ја заслужуваати повеќе за што поддршка добија и преку синдикалното делување“, вели Велкоска.
Според неа, наставниците, учениците и родителите даваат максимум од себе успешно да се одвива овој процес, со сите предизвици кои произлегуваат. Физичкото и менталното здравје треба да им бидат приоритети, како и колку што може да се намали психолошкиот притисок и врз децата и врз наставниот кадар.
На прашањето кои програми ги користат за одржување на онлајн настава, Велкоска посочи дека МОН изготвил неколку платформи кои можат да ги користат наставниците за далечинско пренесување на знаењата на учениците, презентација на наставни содржини од страна на наставници на каналите на националната телевизија, снимени видео часови.
„Благодарение на ентузијазмот и креативноста секој наставник активно се вклучи во користење на различни програми за успешно реализирање на наставата од далечина. На социјалните мрежи од страна на колеги се споделија многу платформи и секој наставник пристапи кон индивидуалнен избор кој што му одговара за користење“, вели Велкоска.
Таа истакна дека се наметнала потребата да пристапи кон алтернативни начини на изведување на воспитно-образовниот процес во нејзината виртуелна училница или одделение. Како што вели, секој еден час е драгоцен, а со целосното запирање на наставата за неа било предизвик да го користи своето искуство.
„Започнав со користење на платформата Google Classroom која беше воведена. Се вклучив и во реализација на наставни часови во „ТВ училница “ што се емитува на МТВ, Edmodo. Преку нив, по извесно време, ја проучив алатката ZOOM без претходна обука, која нуди интерактивно учење и преку која, со учениците реализираме интересни и креативни часови. Секој следен час го очекуваат со голема возбуда и љубопитност и одговорно пристапуваат на барањата. Иако се првооделенци, сите се присутни и активно учествуваат во наставната содржина која е во тек. Секоја средба со учениците за мене претставува задоволство и среќа бидејќи уживам во својата работа“, рече Велкоска.
Вели дека учениците се тие кои ја полнат со енергија, ја почитуваат и и даваат елен да создава часови кои ќе им бидат интересни и незаборавни. Иако немаат помошни нагледни средства за појаснување, кои се многу значајни за учениците, таа наоѓа креативни начини преку кои учениците го стекнуваат знаењето.
„Сепак, физичкиот контакт на наставникот со учениците, училницата како нивно катче за учење со ништо не можат да се заменат. Присуството на наставникот е незаменливо што го потврдуваат и родителите. Да бидеш во контакт со некој кој сака да учи, значи постојано да бидеш мотивиран и поттикнуван на активност, а тоа е вистинско „освежување“ наспроти монотонијата и досадата. Најважната работа е кај учениците да развијам вештини на учење, да знаат како поинтересно да го минуваат слободното времето, да ја развиваат креативноста и помалку да се опседнати со оваа пандемија“, наведе Велкоска.
Таа посочи дека постојат примери кога ученици од одредени средини и од социјален аспект не можат подеднакво да одговорат на барањата од овој вид на настава, станува збор за работа со различни категории деца, со различни потреби, со деца кои сè уште немаат развиени вештини и ставови за самостојно учење, во време на намалена мотивација за учење, немање повратна информација, без социјална интеракција.
Во однос на тоа колку часови поминува работејќи со онлајн методот на настава, Велкоска истакна дека да се биде учител, наставник, воспитувач, професор е најблагородната, најубавата но воедно многу одговорна професија која подразбира посветување и одрекување.
„Фактот дека оваа професија бара огромни вложувања во личниот развој, влог во едукацијата за доброто на идните генерации, професија без која не може да се замисли општественото битисување не го мерам времето кое го поминувам во реализација на наставните содржини и во посветување внимание на децата. Често се одрекувам од своето време, времето за себе и најблиските за да се посветам на иднината, на децата и учениците“, вели Велкоска.
Според неа, чувството на одговорност, професионална и морална обврска наложуваат работа од 24/7. Посочи дека заборава на поминатото време кога ги планира и реализира наставните содржини, административните работи, работа во е-дневник во доцните или раните утрински часови за да има пристап и да ги внесе потребните податоци во предвидениот рок кој им бил определен. Се случува работното време дома да трае повеќе отколку во редовната настава. Истакна дека достапни се за родителите, учениците и за потребите на наставната работа во секој момент.
„Наставниците се преоптеретени со поставување на задачи и прашања, прегледување на одговори на задачи од страна на учениците, што најчесто трае во текот на целиот ден. Овој начин на работа и комуникација со учениците најчесто е индивидуален, што значи дека и одделенските и предметните наставници и останатите кои се вклучени во образовниот процес, вложуваат вонредни напори за да одговорат на интересот и работата на секој ученик.
Велкоска додава дека најважно од се е дека психичкото здравје на децата, но и на сите нас, нема цена и е поважно од било која наставна содржина, домашна задача или проект. Многу е поважно после оваа ситуација да излеземе психички здрави личности кои ќе го продолжат воспитно-образовниот процес во училиштата.
Бобан Илијевски

