- Advertisement -
МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

(ВИДЕО) КСС: Европските и Светските синдикати реагираа до Премиерот за репресијата која се врши врз КСС

КСС - Работник
589views

Бобан Илијевски

Европската и Светската конфедерација на синдикати преку писмо упатено до Премиерот на Р. Македонија Зоран Заев реагирале на системските притисоци врз Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и нејзините грански синдикати. Писмото е со наслов „Репресија врз синдикатите во Северна Македонија“.

Ова денеска го соопшти првиот човек на КСС Благоја Ралповски на прес – конференција.

„Преку ова писмо Европската и светската конфедерација на синдикати ја изразуваат загриженоста за систематските напади врз КСС и нејзините грански синдикати, за дискриминација на лидерите и претставниците на синдикатите, што се рефлектира преку деградирање, мобинг, вознемирување и откази на синдикалните лидери или членови на синдикатот“, рече Ралповски.

Тој посочи дека овие две организации остро реагирале и на неспроведувањето на судските пресуди којшто се правосилни, давајќи го за пример АД ЕСМ, претпријатие кое според КСС одбива да ги спроведе пресудите.

Ралповски истакна дека во писмото, Европската и Светската конфедерација на синдикати реагираат и на нефункционирањето на институциите на системот, пред се Трудовиот инспекторат.

„Децидно кажуваат дека тука се прекршени и Конвенцијата 87 на Меѓународната организација на трудот која што Конвенција е за слободно здружување, а Македонија ја има ратификувано. Тие укажуваат дека се прекршени и основните конвенции за човекови права“, вели Ралповски.

Тој истакна дека двете организации сметаат дека репресија врз синдикатот е и тоа што документите за репрезентативноста на КСС се чуваат во фиока, како и отстранувањето од социјалниот дијалог како полноправна членка на Економско – социјалниот Совет.

Повеќе погледнете во видеото: