(ВИДЕО) Му направиле местенка за да го избркаат од работа – Директорот ја променил одлуката во отказ
Во последниот период ние како синдикат се соочуваме со огромен притисок преку деградирање на нашите претставници, па се до фингирани постапки кои на крај под притисок завршуваат со отказ, вели Стојче Јовановски, Претседател на Синдикатот на Затворите при Синдикатот на администрација и државна управа, грански синдикат на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.
Јовановски истакна дека на уште еден член на Синдикатот на Затворите, поради банални причини, со голем притисок врз Комисијата за дисциплинска постапка му е изнудена парична казна, а потоа истата да заврши и со отказ. За истиот член сите три синдикати во КПУ Затвор – Скопје потпишаа и иницијатива и во истите членуваат 90 % од вработените, за поддршка на колегата Љубомир Божиновски.
Поради активностите коишто ги преземавме во претходните неколку денови, вели Јовановски, притисокот почна да се рефлектира и врз останатите наши членови, а започна и нивно деградирање, што согласно Законот за работните односи и Конвенциите на Меѓународната организација на трудот кои ги има ратификувано и Македонија, е спротивно дејствие и во целост ги загрозува човековите права како и слободите на синдикалното организирање.
Од Синдикатот на Затворите на Македонија најавуваат дека доколку не престанат притисоците врз синдикатот, ќе ги преземат сите легитимни мерки за истиот да престане.
Љубомир Божиновски, виш надзорник во КПУ Затвор – Скопје истакна дека од 29.12.2020 година па наваму, кон него се врши класична местенка за бркање од работното место, преку изнесување на целосни невистини и монтирани процеси.
„Поточно, на 29.12.2020 година, извршувајќи ги работните задачи на моето работно место, мој колега кој во споредба со мене има десет години помалку работен стаж во институцијата, ме фотографираше со мобилен телефон, по што бев принуден да ги известам надлежните во институцијата за сторениот прекршок“, вели Божиновски
Според него, Истиот поучен од некого, пријавува дека е нападнат од негова страна со оружје и навел сведоци во истото службено известување кои доставиле службени белешки дека немало никаква закана со оружје. Истиот ден тој бил суспендиран од работното место, до завршување на дисциплинската постапка, за што смета дека под секакви принципи и кодекси истото не требало да се случи.
Иако тој досега не бил казнуван со дисциплински мерки во институцијата, во која работи 11 години, на дисциплинската постапка од страна на Комисијата, иако сведоците ги потврдија своите известувања, бил казнет со предлог парична казна од 20 %.
Меѓутоа, директорот повикувајќи се на член од Законот, ја променил одлуката на Комисијата и му врачил отказ. Божиновски испрати молба до Второстепената Комисија да одлучи во негова корист , бидејќи според сите докази, вели, воочливо е дека нема никаква вина со настанот од тој ден.
Љубомир Божиновски посочи дека има ретка хронична болест и ова што му се прави е многу голем стрес за него и неговото семејство.
Меѓучовечките односи во Затворот – Скопје се на многу ниско ниво и во претходните неколку денови извршена е низа промени на работните места на наши колеги кои се иницијатори за споменатата иницијатива, односно на претседателите на два синдикати и на дел од членовите, рече Божиновски.

