(ВИДЕО) Неделков: Наставата нема да заврши во јуни доколку не се исплатат парите за прекувремена работа на наставниците
Бобан Илијевски
Учебната година нема да заврши во јуни доколку не им се исплатат парите за зголемен обем на работа на наставниците во основното образование за прекувремената работа во ек на ковид пандемијата. Ова денска на прес – конференција го посочи Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК Јаким Неделков, потенцирајќи дека во некои училишта веќе се донеле одлуки за штрајк, односно одлука дека нема да заврши учебната година на 10 јуни.
Неделков рече дека училиште во Куманово е едно од оние коишто донело одлука за штрајк, по што се очекува и останатите да го следат овој пример.
Неделков потенцраше дека во знак на солидарност може да се приклучат и останатите наставници од основните училишта во штрајкот.
Тој истакна дека за време на пандемијата, паралелките во основните и средните училишта се поделија на по 15 ученици, со што се зголемил обемот на работа на наставниците.
„Во период на пандемија се донесе нов план за реализација на наставата во основните и средните училишта по протоколи коишто ќе ги штитат вработените од вирусот Ковид – 19. Согласно тие протоколи, сите парарелки коишто броеја поголем број на ученици се делат на две групи, односно една паралелка не смее да биде поголема од 15 ученици. Не беше мал бројот на паралелки коишто се поделија во две групи, не мал бројот на наставници коишто реализираат настава, истовремено со двете групи“, рече Неделков.
Според законските прописи, за зголемен обем на работа, на наставниците им следува соодветен надомест, посочувајќи дека согласно Законот за наставници и стручни соработници, работното време на наставниците од 40 часа, како што е според Законот за работни односи, се дели на 20 до 23 часа работа директно со деца, а останатите часови се за други програмски активности кои се дефинирани со Законот за наставници.
Истакна дека институциите на системот не го препознаа зголемениот обем на работа на наставниците и игнорантски се однесуваат кон овие работници коишто имаат потреба од исплаќање на овој додаток на плата.
Министерството за образование и наука префрлило средства до локалните самоуправи за оваа намена, но информациите на СОНК од нивните членови велат дека општините немале средства за да исплатат додаток, рече Неделков, посочувајќи дека за овие проблеми биле известени и директорите и училишните одбори и откако не добиле одговор од нив, се обратиле до Државниот инспекторат на труд, од каде биле убедени дека ќе констатира зголемен обем на работа.
Нагласи дека тудовата инспекција се покажала како тотално нестручна и непрофесионална, бидејќи не можел да препознае дека наставниците работат двојна работа.
Неделков порача дека поради ова, граѓаните губат доверба во институциите на системот.

