(ВИДЕО) Ралповски: Оваа криза покажа колкава е вредноста на работникот
Бобан Илијевски
На почетокот на овој протест ќе дадам поддршка до вас медиумските работници – вие сте на терен, работите за 1- ви Мај, работите во сабота пред Велигден, затоа ги повикуваме газдите да доделат минимум 100 % поголема дневница за Вас, рече Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македнија – КСС Благоја Ралповски Ралповски на денешниот протест, по повод 1 – ви Мај – Меѓународниот ден на трудот.
Раководството на КСС во последнава недела, инспирирано од нашиот протест и прес – конференции коишто ги направивме во изминатиот период денеска до Владата ќе достави Првомајски манифест со точни барања, рече Ралповски, потенцирајќи дека КСС изразува огромна загриженост за лошата економска и социјална положба на работниците, особено за време на пандемија, кога и многу работници ги изгубија своите работни места.
Тој истакна дека оваа криза уште еднаш покажала колкава е вредноста на работникот за нормално функционирање на општеството, особено за време на корона кризата.
„Од непроценлива вредност се здравствените работници, на кои мораме да им оддадеме голема почит, за изминатата година, што дадоа несебичен придонес за да помогнат на сите нас, како и оние професии коишто честопати не се во фокусот на јавноста, како што се вработените во трговијата, градежниците, одржувачите на хигиена, пожарникарите, полицајците, медиумските работници и други. Од друга страна, примањата на работниците не се доволни за достоинствен живот и не се обезбедува ниту минимален животен стандард за нивните семејства“, рече Ралповски.
Според него, пандемијата на тест ја ставила демократијата во општеството, како насекаде низ светот, но како што вели, Македонија не покажала дека е спремна да стои рамо до рамо со развиените демократии, земји коишто и во време на пандемија успеваат да носат разумни, демократски и заеднички одлуки, кои се вклучени во рамките на своите чинители кои можат во рамките на својот делокруг на работа, да придонесат за полесно надминување на предизвиците кои ги донесе оваа пандемија.
Наведе дека КСС јавно и јасно и во оваа година по повод Денот на трудот изјавува дека никогаш нема да остапи од улогата што ја има како вистинска организација на работниците кои доброволно се членови во здружените грански синдикати, дека нема да ги напушти принципите усвоени на основачкиот Конгрес во 2005 година, како и меѓународните документи и Законите кои се во сила во нашата држава.
Заклучи дека КСС во рамките на своето делување и во соработка со други легитимни граѓански организации, во недостаток на вистински социјален дијалог и партнерство кое треба да го промовираат токму државните органи, не се откажува и континуирано ќе испраќа одржливи предлози до Владата, со цел на поефикасно и побрзо надминување на здравствената криза за која сега сме сведоци дека се претвори во економска и како што предупредивме, премина и во социјална криза.

