Сопственик на компанија подели 240 милиони долари на работниците: „Тоа е повеќе од 10 отсто“
Сопственик на компанија од мал град во американската сојузна држава Луизијана подели 240 милиони долари на своите вработени, откако ја продаде семејната фирма, при што просечниот работник добил околу 443.000 долари.
Греам Вокер, поранешен извршен директор на компанијата „Фајбербонд Корп.“ од Минден, минатата година го продал производителот на куќишта за електрична опрема на енергетскиот гигант „Итон“ за 1,7 милијарди долари.
Пред потпишувањето на договорот, Вокер поставил еден услов – 15 отсто од приходите од продажбата да им припаднат на вработените, иако ниту еден од нив немал сопственички удел во компанијата.
Неверување и солзи
„Волстрит журнал“ прв ја објави приказната. По 43 години, американското семејство ја продало својата компанија за електроопрема за 1,7 милијарди долари и исплатило огромен бонус за 540 работници.
Бонусите, кои почнале да се исплаќаат од јуни, се распределени на период од пет години и се поврзани со клаузула за задржување на вработените – работниците мора да останат во компанијата за да го добијат целосниот износ. Вработените постари од 65 години биле изземени од ова правило, што им овозможило на долгогодишните работници веднаш да заминат во пензија.
На прашањето на „Волстрит журнал“ зошто се одлучил токму за 15 отсто, Вокер дал одговор кој брзо стана вирален:
„Тоа е повеќе од 10 отсто.“
Реакциите на денот на исплатата биле различни – од неверување до солзи. Еден вработен прашал дали се снима скриена камера, додека друг возел голф-количка со крената тупаница во знак на славење.
Неочекуван пресврт за „Фајбербонд“
„Фајбербонд“ во 1982 година го основал таткото на Греам Вокер, Клод Вокер, произведувајќи конструкции за телефонска и електрична опрема. Фабриката изгорела во 1998 година, а падот на дот-ком компаниите дополнително ја намалил побарувачката, поради што бројот на вработени се намалил од 900 на 320.
И покрај тешките периоди, семејството Вокер продолжило редовно да исплаќа плати, што, според вработените, создало силна лојалност кон компанијата.
Пресвртот дошол по инвестиција од 150 милиони долари во инфраструктура за дата-центри, вклучувајќи куќишта за енергетска опрема. Зголемената побарувачка за cloud услуги за време на пандемијата со ковид-19 донела значителен раст во 2020 година.
Изградбата на инфраструктура поттикната од развојот на вештачката интелигенција и терминалите за извоз на течен природен гас дополнително ја зголемиле продажбата за речиси 400 отсто во период од пет години, што привлекло интерес од големи компании за преземање на фирмата.
Извор: Blic.rs

