- Advertisement -
МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

(ВИДЕО) „Судијата Зиков носи политички пресуди, ќе побараме негово изземање од водење работни спорови“

Судијата Зиков носи политички пресуди - Работник
569views

Срамно и поразително е во 21 век да бараме основни права кои ни се признаени уште во 50 -тите години од минатиот век. Имено, уште во 1948 година со Конвенцијата на МОТ се гарантиани посебните права и правната заштита на работниците како и на синдикалните лидери, вели Јовановски

Ќе започнам со известување за тоа каква разрешница доби мојот случај, кога јас како Претседател на синдикатот добив отказ од работа и со цел да ги бранам моите права, загарантирани со закон, поведов судска постапка. Поточно, во текот на судската постапка, првостепениот суд два пати донесе позитивна одлука во моја полза“, рече Претседателот на Синдикатот за транспорт и врски при КСС Зоран Дионисијев на денешната прес – конференција.

Advertisement

Тој истакна дека судијата од второстепениот суд (Апелација) Санде Зиков ја преиначил одлуката и како што вели, одлучил дека синдикалните лидери слободно можат да се бркаат од работа.

 

Advertisement

„Но, ситуацијата не е толку едноставна како што изгледа, односно судијата Санде Зиков сите случаи кои ги води, а кои се однесуваат на работни спорови за синдикалните лидери добиваат негативна пресуда, а позадината е сосема поинаква, односно судијата Зиков носи политички одлуки под притисок на власта. Ја злоупотребува и својата положба и не го почитува трудовото право, законите и Меѓунардните конвенции ратификувани во Собранието на Македонија“, вели Дионисијев. 

Тој посочи дека сето ова е типичен пример за тоа колку нашето судство е независно, односно зависно.

Тој информираше дека ќе биде поднесена претставка до Републичкиот судски совет за изземање на судијата Санде Зиков од водење на работнички спорови, а воедно ќе ги известат сите засегнати надлежни органи.

Стојче Јовановски, Претседател на Синдикатот на затворите при Синдикатот на администрација и државна управа се надоврза на Дионисијев и рече дека неговиот не е единствен случај, во кој скопска Апелција односно судијата Санде Зиков носи пресуда која се коси со Конвенциите на Меѓународната организација на трудот и позитивните законски прописи во Република Македонија.

„Да појаснам, во мојот случај од страна на тогашниот директор на КПУ Затвор – Скопје ми беше издадена писмена наредба со која времено ме деградира да извршувам работни задачи пет нивоа пониско, односно од работно место со Висока стручна спрема, ме прераспредели на работна позиција со Средна стручна спрема. Тоа би било исто како судијата Санде да го ставиме времено да извршува работни задачи како дактилограф и притоа да тврдиме дека истиот е распределен со цел унапредување на работниот процес во институцијата“, рече Јовановски.

Од негова страна, како што вели, била заведена судска постапка против оваа наредба при што во два наврати првостепениот суд воден од веќе утврдената пракса, а и од меѓународното право, целосно исправно донел одлука со која во целост било оправдано неговото тужбено барање.

Посочи дека самоволието на споменатиот судија оди до тој степен, што со мериторна одлука ја преиначил првостепената пресуда, не водејќи сметка дека тој ужива и посебна заштита како синдикален претставник. Според неговите зборови, за судијата Зиков синдикалното здружување како да не постои, за него синдикалните лидери се државни непријатели, а не оние кои се коректорот на ова квази – општество. 

„Единствена цел на директорот, а и на овој судија со носење на вакви против законски одлуки е да се спречи синдикалното здружување и да се изврши притисок врз оние коишто си ги бараат своите права и правата на своите колеги“, посочи Јовановски.

Јовановски истакна дека нема да поткленат на овие притисоци и напомена дека трпението на работниците е стигнато до точка на вриење. Со ваквите дејствија, вели Јовановски, работниците повеќе се мотивираат порешително да влезат во борбата за остварувањето на своите права. 

„Сакаме да ги информираме споменатите, а и сите други директори и лица кои одлучуваат за човечките судбини дека доколку не успееме да ја истераме правдата пред нашите институции, битката ќе ја продолжиме пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур. Срамно и поразително е во 21 век да бараме основни права кои ни се признаени уште во 50 -тите години од минатиот век. Имено, уште во 1948 година со Конвенцијата на МОТ се гарантиани посебните права и правната заштита на работниците како и на синдикалните лидери. 

Тој посочи дека во Законот за работни односи многу добро е прецизирано кои се придобивките на синдикалние лидери, напоменувајќи дека присуствувал на предавања на судијата Зиков за заштита на синдикалните права а истиот ги прекршува во пракса.

Бобан Илијевски

Advertisement