Uncategorised

(Видео) Филипче: Потврдени резултатите на Корона вирус на тројца пациенти – вкупно 26 во моментов, граѓаните строго да се придржуваат до мерките и препораките за превенција

Филипче: Потврдени резултатите - Работник
210views

Министерот за здравство, Венко Филипче на денешната редовна прес-конференција најнапред информираше за состојбата на пациентите, кои се лекуваат на Инфективната клиника во Скопје и во Дебар. Тој посочи дека состојбата на сите пациенти е стабилна и непроменета во однос на вчерашниот ден, а стабилна е и состојбата на пациентката, што е на респираторна машина и засега нема знаци на влошување.

 

Филипче соопшти дека денеска се тестирани 10 пациенти. Позитивни се тестовите на тројцата пациенти коишто се тестирале на Клиниката „Жан Митрев“. На пресот вчера информацијата беше за двајца, а потоа се јавил уште еден пациент, и денеска во Институтот за јавно здравје се направени контролните тестови со цел да бидат унифицирани и го потврдија нивниот резултат. Денеска, до 12:00 часот вкупно во земјава има регистрирано 26 заболени пациенти.

„Станува збор за пациенти од Скопје, еден кој имал симптоми една недела, неговите контакти се мапирани и сега се изработуваат тестовите на членовите на семејството на овој пациент. Понатаму, семејство сопружници коишто престојувале во странство и дошле во нашата земја пред неколку дена, вчера член на семејството ги однел материјалите на Клиниката „Жан Митрев“, каде што истите дале позитивни резултати. Првиот пациент е сместен на Инфективната клиника, сопружниците се сè уште на домашно лекување. Тие во текот на денот ќе бидат префрлени на Клиниката за инфективни болести“, посочи министерот Филипче.

Тој потсети на пациентката од вчера, патничката која дошла од Холандија и потенцираше дека денеска се веќе во тек контактите и интервјуата со сите сопатници коишто патувале со истиот авион од Виена, кој слетал вечерта меѓу 12-ти и 13-ти во Скопје. За ова е стапено и во контакт со Австриската амбасада и дадени се сите потребни информации.

„Инаку, во моментов, вкупната бројка на пациенти со Корона вирус во нашата земја е 26, од кои 17 се хоспитализирани на Инфективната клиника и останатите девет се во Дебар. Капацитетот на Инфективната клиника е целосно подготвен, првиот спрат е четвртина од вкупниот капацитет и се уште не е исполнет, меѓутоа целосно е подготвен и вториот спрат на клиниката да ги прими пациентите за хоспитално лечење, без разлика дали е обична соба или интензивна нега со оглед на тоа што на секоја позиција можат да се стават респираторни машини затоа што секаде има довод на кислород“, изјави Филипче.

Министерот информираше дека денеска остварил контакт и со кинеската амбасада, од каде било укажано дека има сериозни шанси да стигне помошта од маски, одела и респиратори, а до крајот на неделата ќе има поконкретни информации.

Во однос на бројот на автобуси, тој појасни дека со градоначалникот на град Скопје е договорено да се зголеми бројот на автобуси во утринските и попладневните часови, согласно динамиката на патници, бидејќи било посочено дека заради редуциран број на автобуси има поголема група на патници во еден автобус што секако не е препорачливо.

Исто така информираше дека околу 200 лица, наши државјани кои се наоѓаат унгарско-српската граница, со организиран превоз се очекуваат да дојдат на преминот Деве Баир. Од нив најголем број, согласно информациите досега работеле во ризичните региони во Италија, а дел од нив се во Австрија, точните податоци ќе бидат регистрирани откако ќе се интервјуираат на влез во нашата земја. Сите овие лица ќе одат во групен карантин во касарната во Пепелиште на Криволак, каде се обезбедени услови, снабдување со храна, медицинска поддршка за проверка, прегледи, како и соодветно обезбедување.

Министерот Филипче потсети на важноста да се почитуваат препораки за превенција.

„Сакам да кажам дека епидемијата е во силен ек и секоја епидемија има свој тек, има почеток, акцелерација, пик, односно врв на кривата и понатаму намалување, спласнување на случаите. Очекувано е согласно сите овие епидемиолошки податоци кои што ги знаеме, движењата на луѓето, бројот на заболени во периодот кој што доаѓа да се зголемува. Затоа е најбитно да се спречи локалната трансмисија. Презедовме мерки, ги дополнивме, ќе преземаме и понатаму се што треба, се со цел да застанеме на патот на ширењето на инфекцијата. Затоа, останете дома, не се собирајте, не се групирајте, излегувајте само ако имате некоја итност, ограничете го движењето, не контактирајте многу со луѓето, не се задржувајте во маркетите, држете дистанца таму каде што има повеќе луѓе, задолжително одржувајте лична хигиена, често миење на рацете 20-30 секунди. Од сите нас зависи, од сите поединци, компании, институции, максимално сериозно мора да пристапиме на ова прашање. Ова не е шега. Единствениот начин е сите ние да се однесуваме одговорно. Сите информации се достапни, отворени сме за комуникација, за делење на навремени и точни информации. Мерките ќе ги заоструваме доколку има потреба. Нека седат дома децата и хроничните пациенти. Мораме да го заштитиме и нашиот здравствен систем, заради тоа што искуствата од другите земји покажуваат дека заразата се шири и кога е здравствениот систем оптоварен. Сметам дека сите мерки кои ги воведовме ќе доведат до тоа да немаме остар пик, нагло зголемување на бројот на заболени и тоа е главната работа за да здравствениот систем може да го апсорбира овој удар, за што сме подготвени со капацитети, опрема, кадар, што е подготвен да ротира по потреба. Сите 200 анестезиолози, 400 медицински сестри, дополнително на оној кадар со кој сега располагаме, согласно намалувањето на нивните редовни програми, сега се подготвени да се вклучат во третманот на ова заболување. Сакаме да ги заштитиме здравствените работници, за жал, во другите земји има примери во кои и тие заболуваат, сега е клучно и тие да се здрави заради тоа што тие се столбот на овој здравствен систем, главните даватели на здравствените услуги“, посочи министерот Филипче.

Извор: Влада