Македонија

(Видео) Шилегов: Се одложуваат сите екскурзии на средношкоците во Италија

Шилегов: Се одложуваат - Работник
178views

Градот Скопје во рамките на своите надлежности е целосно подготвен да ги преземе сите неопходни мерки за да се спречи ширење на вирусот Ковид 19. Во таа насока, уште пред една недела се преземени превентивни мерки за заштита на здравјето на средношколците и спречување на ширењето на корона вирусот во средните училишта, рече на денешната прес-конференција градоначалникот Шилегов.

– Во 23 средни училишта на Град Скопје учат околу 21.600 ученици и заштитата на нивното здравје претставува сериозна обврска и одговорност за нас како надлежна институција и за директорите кои раководат со училиштата. Согласно со задолженијата добиени од Владата на Република Северна Македонија сите училишта своите планирани патувања и екскурзии во Република Италија ќе ги откажат или одложат на неопределено време. До крајот на оваа недела ќе биде одржан и едукативен час за превенција од вирусот согласно со препораките на Светската здравствена организација и Владата на РСМ – најави Шилегов.

 

Тој нагласи дека денеска до директорите на средните училишта издал наредба раководните органи во училиштата внимателно да ги следат и целосно да се придржуваат на препораките за превенција и справување со корона вирусот кои ги даваат надлежните институции.

– Понатаму, училишните раководства веднаш да ги откажат и одложат патувањата и училишните екскурзии во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот. За сите преостанати патувања и екскурзии да прават дополнителни безбедносни проценки. Училишните раководства веднаш да почнат со организација и реализација на едукативни часови, работилници и дистрибуција на материјали за соодветно информирање, превенција и справување со корона вирусот. Во оваа насока укажуваме дека Градот Скопје ќе ја обезбеди потребната логистичка поддршка и координација со релевантните здравствени институции. Училишните раководства се задолжуваат да ги стават на користење средствата што ги обезбеди Градот, да одржуваат највисоко ниво на хигиена, применувајќи ги сите санитарни-хигиенски средства и активности кои им се на располагање. Во врска со оваа обврска, сакам уште еднаш да  укажам дека Градот Скопје има обезбедено доволни количини на антибактериски сапуни за училиштата. Во изминатиот период во јавноста се шират разни гласини во врска со овој вирус. Апелирам да не се крева паника, апелирам на трезвено однесување и на институциите и на граѓаните. Нема простор за паника. Градот Скопје како основач и надлежна институција за средните училишта, непрекинато и одблизу ја следи состојбата во училиштата и ќе ги преземе сите неопходни мерки за заштита на здравјето на сите членови на училишните заедници – нагласи Шилегов.