Во недела ќе се одржи HalkEco Skopje Run 10К: Скопје повторно во тркачки ритам
Оваа недела Скопје повторно ќе живее во знакот на спортот, енергијата и натпреварувачкиот дух. На 10 мај, со почеток во 9.00 часот, ќе се одржи HalkEco Skopje Run 10К – меѓународна атлетска трка која и оваа година ќе ги обедини домашните и странските натпреварувачи, рекреативците и љубителите на активниот начин на живот.
Стартот и целта на трката ќе бидат поставени на бул. Илинден, во близина на фонтаната „Лотус“, а трасата ќе се движи по бул. Илинденска и дел од бул. Партизански Одреди. Со над 2000 пријавени учесници од 16 земји, овогодинешното издание се очекува да биде едно од најмасовните и најдинамични досега.
ХалкЕко Скопје Трча 10 км е сертифицирана од AIMS (Association of International Marathons and Distance Races), што ја потврдува нејзината организациска и натпреварувачка вредност. Токму овој сертификат ја позиционира трката како релевантен меѓународен спортски настан, кој привлекува подготвени и искусни атлетичари од регионот и пошироко.
„Од година во година гледаме како трката расте и добива сè посилен меѓународен карактер. За нас е особено важно што HalkEco Skopje Run 10К успева да го задржи спортскиот и натпреварувачкиот дух, а истовремено да создаде атмосфера што го обединува целиот град,“ велат од Сојузот на спортови на Скопје.
Покрај спортскиот дел, настанот и оваа година ќе понуди дополнителни активности за учесниците и посетителите. По завршувањето на трката ќе биде организирана зона за дружење и забава со музичка програма и DJ сетови, а долж трасата ќе има повеќе музички точки кои ќе создаваат дополнителна енергија за тркачите.
Во рамки на настанот ќе биде поставен и eCrowd пункт, каде учесниците и посетителите ќе имаат можност, доколку сакаат, доброволно да донираат средства за оние на кои им е најпотребна помош. Иницијативата „Срце чиста 10ка“ има цел да додаде дополнителна општествена вредност на настанот, без да се наруши неговиот спортски карактер.
Организатор на HalkEco Skopje Run 10К е Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со атлетските клубови Скопски Маратон и Работнички, со поддршка од Министерството за внатрешни работи. Насловен спонзор на трката е HalkBank, а покровители се Министерството за спорт и Град Скопје, заедно со бројни партнери и поддржувачи.
Во недела, Скопје повторно ќе трча во еден ритам – ритам на спортот, енергијата и заедништвото.

