Владата ќе штеди со намалување на големите плати и продолжување на летното сметање на времето
Намалување на натпросечните плати, бара премиерот Ковачевски. Ова е една од мерките за намалување на трошоците, според Планот за фискална одржливост на Владата. Целта е да се ослободат финансиски средства за подобро справување со енергетската криза.
„Постојат претпријатија и институции во коишто се креираат загуби, а треба да се покријат од Буџетот и затоа сметаме дека менаџмент тимовите на тие претпријатија и треба да бидат на високо одговорно ниво и да ги намалат расходите и да ги зголемат приходите. Еден од начините за намалување на трошоците, таму каде што има плати што се далеку над просекот, сметам дека во услови на ваква криза треба да се намалат, а додека таму каде што приходите не соодветствуваат на она што би требало да биде, исто така да направат напори да ги зголемат приходите.“ – Димитар Ковачевски, премиер
Со Планот за фискална одржливост, сите буџетски корисници се задолжуваат, а на општините и јавните претпријатија им се препорачува во рок од две недели, да достават пополнет акциски план за консолидација на расходите.
А за дополнителна заштеда на струјата, веќе се размислува годинава да нема зимско сметање на времето. Ефектите треба да ги измери министерството за економија до крајот на овој месец кога стрелките треба да се вратат назад за еден час. Според предлогот, дневната светлина ќе трае еден час повеќе попладне, а ноќта ќе земе еден час од утринската светлина по разденувањето.
„Ја анализирме близината на нашата со друга временска зона, како Грција и Бугарија, што тоа значи во однос на оставањето на летното сметање на времето, визави другите земји кои имаат исто летно сметање на времето како кај нас, меѓутоа тоа се земји на запад и кај нив денот трае многу повеќе. Би сакал да ги видам анализите, во моментов повеќе има про оставање на летното сметање на времето, но ќе ги видиме сите анализи. Пред крајот на месецот, кога треба да се донесе таа одлука, ќе видиме дали ќе продолжиме со истото сметање на времето, како до сега или ќе ја направиме промената“- Димитар Ковачевски, премиер
Премиерот рече и дека мерките за поддршка на компаниите се подготвени. Тие ќе бидат разгледани на некоја од наредните седници на Владата, а деталите ќе се усогласуваат со сите засегнати страни.
Помош ќе има и за производителите на основните производи, но од 1-ви декември. Според Бектеши, целта е е да се намали цената на инптутите, за да се спречи нивно поскапување.
„Овие стотина компании ќе преминат од отворен на регулиран пазар се со цел истите компании да се обврзат да ги намалат цените на овие производи, ако цените на суровините останат исти во наредниот период.“ – Крешник Бектеши, министер за економија
Владата вчера го објави новиот сет анти-кризни мерки за најранливите граѓани вреден 350 милиони евра. Засега финансиска помош ќе има само за социјално загрозените, лицата со попреченост и пензионерите.
Извор: Сител