НовостиСветот на работникот

Во Полска го скратуваат работното време

   Време за читање 1 минута

Полската влада на премиерот Доналд Туск потврди дека пред крајот на мандатот во 2027 година ќе го измени Законот за работни односи со цел да го намали работното време во земјата.

Засега на маса се две опции – воведување четиридневна работна недела или седумчасовен работен ден, пренесува Ројтерс.

Четиридневната работна недела има многу поддржувачи и, според истражувањето на платформата ClickMeeting, ја поддржуваат 70 отсто од работодавците, пренесува Танјуг.

„Студиите покажуваат дека колку подолго работиме, толку повеќе сме под стрес и уморни. Уште еден час поминат на работа не мора да значи уште еден час на ефикасност“, изјави полската министерка за семејство, труд и социјална политика, Агњешка Џиемијанович-Бок, која е една од главните поддржувачи на оваа промена.

Според неа, барањето за намалување на работното време, за луѓето да имаат повеќе време за семејство, развој и одмор, „мора да се сфати сериозно“.

Од друга страна, некои членови на полската влада изразија скептицизам и тврдат дека воведувањето на четиридневна работна недела не е вистинското решение за земја погодена од демографска криза.

Според податоците на Евростат, Полјаците работат во просек по 40,5 часа неделно, што е најдолго во Европската унија (ЕУ), по Грците. Просекот на ЕУ е 37,5 часа, а светскиот просек е 34,2 часа.

Се очекува работата на измените и дополнувањата на Законот за работни односи да добие замав наесен и може да заврши следната пролет, бидејќи намалувањето на работното време може да и помогне на владејачката коалиција во кампањата за претседателските избори следната година.