ТОП 10 држави каде платите се добри, одморот е долг, а неделното работно време кратко: Дури седум се во Европа
Објавен е глобалниот индекс за 2025 година кој ја оценува рамнотежата помеѓу работниот и приватниот живот – Global Life-Work Balance Index, а десетте водечки држави нудат јасна слика за тоа каде вработените се најзадоволни од условите за работа.
При изработката на листата земени се предвид повеќе критериуми кои влијаат врз квалитетот на животот на работниците, вклучително и законски загарантираниот годишен одмор, достапноста на здравствените услуги, нивото на безбедност во општеството, како и просечниот број на работни часови неделно. Дополнително, анализирани се и фактори како надоместоците за породилно отсуство, платените слободни денови, минималната плата, здравственото осигурување, сигурноста и општиот индекс на среќа.
Според истражувањето што го спроведе компанијата Remote, најдобри резултати постигнале следните држави: Нов Зеланд, Ирска, Белгија, Германија, Норвешка, Данска, Канада, Австралија, Шпанија и Финска.
На врвот на листата се најде Нов Зеланд, со вкупен индекс од 86,9 од можни 100 поени. Со минимална стапка по час од околу 14 евра, земјата нуди 32 дена законски годишен одмор, како и дури 26 недели целосно платено породилно отсуство.
Кога станува збор за бројот на слободни денови, работниците во Шпанија и Финска имаат најдолг годишен одмор – вкупно 36 дена. Норвешка се издвојува со исклучително дарежлива поддршка за родителите, обезбедувајќи дури 49 недели платено породилно отсуство.
Од компанијата што стои зад извештајот истакнуваат дека целта на нивното годишно рангирање е да ја нагласат важноста од воспоставување здрава рамнотежа помеѓу работните и приватните обврски, особено во модерното општество каде што економските, технолошките и социјалните промени силно ја обликуваат секојдневната реалност на работниците низ светот.
„Нашиот извештај има за цел да покаже каде веќе се применуваат добри практики, и да поттикне промени таму каде што сè уште се потребни“, наведуваат авторите на анализата.
Во 2025 година, концептот на баланс помеѓу работата и приватниот живот го надминува прашањето на распоред – тој станува прашање на квалитет на живот и долгорочна одржливост на трудот и здравјето.
Извор: EUpravo zato

