- Advertisement -
КолумниНовости

Во туристичко – угостителскиот сектор најпогодени се работниците во сивата економија

Продуктивноста на работниците - Работник
297views

Од вчера започнаа да се применуваат новите рестриктивни мерки кои ги предложи Комисијата за заразни болести, а ги донесе Владата. Тие мерки наложуваат угостителските објекти да работат до 18 часот. Инаку ова е трето кратење на работното време на угостителите. Прво беше до 23 часот, па потоа до 21 часот, а сега до 18 часот.

Од друга страна Независната угостителска комора вчера даде иницијатива до Уставниот суд за да се проверат законитоста и уставноста на овие мерки. Од комората рекоа дека истите се и селективни, бидејќи тие важат само за угостителите. Еден ден пред тоа, напоменаа дека околу 6,500 угостителски објекти и 35,000 работници се опфатени со овие мерки, што значи дека директно се погодени од нив. Дали овие мерки ќе придонесат за отпуштање на овие работници е неизвесно и тоа ќе го покаже времето, но мора да се има во предвид дека корона кризата трае веќе девет месеци, а угостителскиот сектор е еден од најпогодените сектори од оваа криза, по што логично би било да и во овој сектор има најмногу отпуштени работници. 

Од Агенцијата за вработување пред некој ден излегоа со податоци дека нови 1,500 граѓани останале без работа само за еден месец. Од почетокот на пандемијата пак, до ноември Агенцијата регистрирала 47,500 невработени. Според нивните тврдења 16,4000 добиле отказ поради корона кризата. 

Мора да се нагласи поентата на ова писание не е да се направи виновен туристичко-угостителскиот сектор за тоа дека тие имаат отпуштено најмногу работници, туку да се долови дека бројките на отпуштени се многу поголеми, бидејќи има голем дел на вработени во овој сектор коишто работат во неформалната економија, односно немаат писмен договор за вработување. Како поткрепа за оваа теза се статистиките на Синдикатот за угостителство и туризам којшто велат дека 20 % од вработените во овој сектор работат во сивата економија. Поради ова, останува прашањето што е со овие вработени? Колку од нив се отпуштени во ек на корона кризата? Потребно е да се одговори на овие прашања, но не се знае кога би стигнале тие одговори. Во глобални рамки, половина од светска работна сила работи во неформалната економија и ова е факт којшто го обелодени Меѓународната организација на трудот, колку за прецизност 1,6 милијарди работници во светот работат во неформалната економија, бројка што воопшто не е за потценување. 

Вчера, Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека ќе му излезат во пресрет на туристичко – угостителскиот сектор и дека доколку треба финансиска помош, тие ќе изготват нови мерки, во кои рече дека ќе бидат вклучени и претставниците на работниците во туристичко -угостителскиот сектор. Ова е реално добар сигнал, бидејќи и работниците треба да имаат ист удел во мерките како и претставниците на работодавачите. Гледано, години наназад, работниците биле често пати исклучувани од носењето на одлуки коишто се однесуваат и на нив, но можеби сегашните надлежни ќе имаат слух и ќе ги прифатат барањата и на работниците. Тие исто како и работодавачите можат да помогнат преку давање на предлози за креирање на мерки коишто ќе бидат наменети за конкретниот сектор.

Има голема потреба да се креираат мерки за секој сектор посебно, бидејќи така може најмногу да им се помогне и на работодавачите, но и на работниците. 

Бобан Илијевски

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник