ГЕРМАНСКИТЕ КОМПАНИИ ИМ НУДАТ НА РАБОТНИЦИТЕ ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Приближно 11 отсто од нив се одлучиле на ваков чекор
Приближно 11 отсто од германските компании им нудат на своите вработени четиридневна работна недела, се вели во извештајот објавен денеска на Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен, кој беше спроведен во вториот квартал од оваа година.
Како што се наведува, само два отсто од компаниите во Германија планираат да воведат четиридневна работна недела, 19 отсто разговараат за нејзиното воведување, додека 38 отсто од компаниите не се занимаваат со оваа тема, а 30 отсто тврдат дека ваквото скратување на работната недела е невозможно за нив.
Моделот на четиридневната работна недела е најприфатлив кај малите компании со до 50 вработени, каде што го користат 14 отсто од компаниите, а во големите компании со над 500 вработени, овој процент е двојно помал и изнесува седум отсто.
Какви позитивни ефекти очекуваат од четиридневната работна недела изјавија и германските компании.
Приближно 37 отсто се изјасниле дека не очекуваат никакви позитивни придонеси, додека 35 отсто очекуваат дека овој потег ќе ги задржи постојните вработени, 32 отсто навеле поголема мотивираност на вработените, 26 отсто очекуваат помалку отсуства од работа, а исто толкав процент очекуваат дека на овој начин привлекување на нови кандидати за работа.
Осум отсто од компаниите очекуваат зголемување на продуктивноста, а три отсто намалување на трошоците.
Сепак, компаниите сметаат дека воведувањето на четиридневна работна недела носи бројни предизвици.
За 59 отсто главен проблем е недостигот на работници, 52 отсто наведуваат посложена организација на работата, 40 отсто сметаат дека оваа мерка би го намалила просперитетот на целата економија, 37 отсто очекуваат намалување на ефективноста на производството, 18 проценти намалување на квалитетот на работата.
Извор: Еуроњуз