Главни пораки од второто издание на Социо-еколошкиот форум Скопје 

ВИДЕО до панелите: https://www.youtube.com/watch?v=7SItuwT4hnU

Повеќе од 100 учесници и над 40 панелисти вчера во Скопје беа дел од вториот Социо-еколошки Форум кој ги собра на едно место прогресивните лидери, носители на одлуки, медиумски претставници, експерти од областа на енергетиката, активисти, младински лидери, претставници на граѓанското општество и високи гости од регионот и Европа. Претставниците на организаторите Фондацијата „Фридрих-Еберт“, „Олоф Палме“ меѓународниот центар и Прогрес – Институтот за социјална демократија појаснија конференцијата го носи името форум бидејќи овие состаноци треба да бидат пазар на идеи и иницијативи за тоа како да се справиме со климатските промени на начин што ги става граѓаните на нашите земји напред и централно. Објаснија дека нивната цел и за третото издание на Форумот следната година ќе биде обединувањето на различните перспективи од Европската Унија, од земјите во регионот на Западен Балкан, национални лидери, партиски раководства, лидери на заедници и претставници на тинк тенк секторот да биде ставено во пракса како да се поддржуваат едни со други за време на праведната транзиција на нашите општества.

„Социјално-праведна трансформација за енергетски самоодржлива Европа“, „На демократијата и’ требаат демократи, а на енергетиката – демократизација“, „Технички решенија кои ќе овозможат промени на локално ниво“, „Жените во енергетиката“, „Агенти на промена и енергетска-трансформација предводена од младите“ беа главните теми на второто издание на Форумот. Мартин Шулц, Албин Курти, Димитар Ковачевски, Ан Линде, Радмила Шекеринска, Христина Спасовска, Дамијан Ѓинкури, Драгана Ракиќ, Марко Михаилоски, Јонас Андерсон, Рене Шле, Перо Костадинов, Зоран Пауновиќ, Ксенија Остриж, Катерина Марку, се само дел од имињата кои дадоа придонес во размената на идеи за постигнување на одржливи решенија при надминувањето на социо-економската и енергетската криза.

Од многубројните панелисти на второто издание можевме да чуеме дека во последните десет години, светската агенда за енергетска транзиција стана уште позначајна со развојот на различните нови технологии за производство на енергија и намалување на цените на фотоволтаиците, и покрај тоа што загадувањето на стаклената градина беше евидентно многу години претходно. Се зборуваше и за еден од шесте приоритети на Европската комисија – Европскиот зелен договор, со многу сериозни енергетски и климатски цели за декарбонизација на енергетскиот систем на ЕУ, а во исто време зголемување на енергетската безбедност и стабилност на интегрираниот енергетски пазар. Чувме дека земјите членки на ЕУ треба да воспостават сопствен 10-годишен национален план за енергија и клима во пет области: зголемување на енергетската ефикасност, искористување на обновливите извори на енергија, намалување на емисиите на стакленички гасови, подобри меѓусебни врски и поддршка на истражувањето и иновациите. Сите активности што треба да се преземат во тие пет области мора да бидат насочени кон имплементација на нови технологии за производство и складирање енергија, дигитализација на сите сектори и образование. (проф. Христовска)

Се анализираше и состојбата со кризата во регионот, па така беше потенцирано дека сите земји освен Босна и Херцеговина и Хрватска се увозно зависни на електрична енергија и тоа некаде од 17% на годишно ниво, до 73% на годишно ниво. Сите произведуваат електрична енергија од стари капацитети коишто капацитети се на лигнид, што значи дека тука за екологија не можеме да зборуваме и што единствен пристап имаат до руски гас. И тоа се сите проблеми коишто ги имаме на маса. Од друга страна, мора да се обезбеди електрична енергија за функционирање на економијата, за функционирање на граѓаните, таа да биде по цена којашто може да ја поднесат и граѓаните и економијата, бидејќи ако имате цена којашто не можат да ја поднесат нема да можат да ги платат своите сметки. Неплатени сметки во исто време значат неликвидност на елекроенергетскиот сектор и недостаток на електрична енергија. Третата работа во услови на криза секогаш е добро да се инвестира и да се искористи како можност за трансформација. Тоа се основите на кои се градат политиките, јас би рекол на сите држави во овој регион, и не само на една држава Северна Македонија. (Ковачевски)

Беа испратени и политички пораки од некои од говорниците: Минатата недела во Белград се одржа Конференција за обновливи извори на енергија – за жал Косово не беше поканета на оваа конференција. Неколку недели претходно вицепремиерот Бислими беше поканет на Белградската безбедносна конференција – но за жал мораше да се врати во Косово бидејќи српските власти не му дозволија да влезе во Белград. Од друга страна, на трети ноември, шест земји од Западен Балкан потпишаа три договори за време на Самитот на Берлинскиот процес. Можеби ви е јасно зошто се сомневам во каква било иницијатива што не е предводена и координирана од ЕУ. (Курти)

При дискусија на темата за прашањето за родовата перспектива на општествено-праведната енергетска трансформација токму од еминентни носителки на одлуки беше испратена гласна порака: Верувам дека ова е област за која мажите и жените треба повеќе да разговараат и да побараат овој огромен инструмент за закрепнување да им биде достапен на земјите од регионот. Жените не можат лесно да ги надминат предизвиците во новата зелена транзиција доколку продолжат да бидат запоставувани и да бидат преоптоварени со домашна работа. Секое истражување покажа дека земјите кои имаат повеќе жени кои се занимаваат со мировни политики, се подобри. Колку повеќе жените се застапени на високите нивоа во извршната власт, толку подобри и поамбициозни се декларираните програми за промени. За жал, дури и на централно ниво гледаме многу ограничено учество на жените. Има огромен јаз и мислам дека треба да направиме се’ да го намалиме тој јаз, бидејќи без застапеност на женските грижи и решавањето на женскиот проблем, женскиот дел од општествената транзиција ќе биде невидлив, изгубен и нашиот родов јаз ќе биде уште поголем. (Шекеринска)

Во однос на социо-еколошката трансформација и политичкото инвестирање со цел реализација на долгорочните стратегии во контекст на климатските промени поранешниот претседател на Европскиот Парламент кажа дека потребна ни е долгорочна стратегија, но потребни ни се и краткорочни решенија за граѓаните, за нашите гласачи; ова се тие контрадикторни ситуации кои претставуваат предизвик за лево ориентираните партии. Богатите луѓе може да купат се, можат да купат енергија, па затоа нула или -5 степени за нив не е проблем, тие ќе имаат стоплени куќи. Меѓутоа, обичните граѓани, студентите, пензионерите со нула приходи не можат да си ги згреат домовите, буквално смрзнување. Да ги мобилизираме неопходните парични средства, затоа што ако не ги обезбедиме тие луѓе и не им овозможиме да ги надминат тие проблеми ќе ја изгубиме поддршката од луѓето кои ни се итно потребни за стратегиите. (Шулц)

Од младите лидери кои зедоа активно учество и на овој втор Социо-еколошки форум чувме дека добро е што младите се вклучени во сите важни процеси, не само за сегашноста, туку и за иднината, затоа што иднината е одговорност на нас младите генерации, кои треба постојано да ги потсетуваме постарите генерации за нивните обврски и одговорност, имајќи предвид дека тие се тука со нас, а товарот на иднината ни припаѓа на сите нас, особено што генерациите пред нас учествуваа во создавањето на овој свет. Светот се соочува со една од најголемите економско-политички кризи од Втората светска војна. Тоа се манифестира во политичка нестабилност и неизвесност, војна во Европа на само 1000 километри од тука, руска агресија против Украина, а ние како млади лидери мораме да ја искористиме секоја прилика што ја имаме за да укажеме на лошите одлуки донесени од светските лидери. Оценките на сите се дека оваа криза ќе трае, нема да биде брз спринт кон нов економски раст, тоа ќе биде долгорочен економски маратон кон нов економски модел на развој и благосостојба. (Михаилоски)

Три клучни пораки кои беа понудени на Форумот: Прво, потребата за социјално-еколошка трансформација не е намалена, но нејзината безбедносна димензија ја зголеми нејзината итност.

Оваа година јасно покажа дека зависноста од фосилни извори на енергија е ранливост. Оние општества кои напредувале понатаму во однос на обновливите извори на енергија се поотпорни и можат да ги обезбедат своите граѓани. Второ, ни треба план за тоа како да се справиме со климатските промени на социјално-праведен начин во ова време на кризи, овде во регионот како и сегде во светот. Трето, политичките програми се клучни, во овој постојан начин на краткорочно одлучување да не губиме трага за нашите долгорочни цели. (Шле)

Ајде да разговараме денес како социјалната, еколошка трансформација може да послужи како инспирација за подобро утре, втемелена во потребите на граѓаните денес. Со ваши размислувања, идеи, иницијативи и сугестии се гледаме на третиот Социо-еколошки форум, следната година во Скопје!