ЕкономијаСвет

„Бош“ вложува милијарди во развој на хуманоидна роботика

Германскиот производител на електроника Bosch најави дека ќе инвестира милијарди евра во автоматизација и развој на хуманоидна роботика, како дел од стратегијата за прилагодување на промените во автомобилската индустрија.

„Бош ја обликува иднината – и на тркала и со раце“, изјави Тања Рикерт, директорка за дигитализација во компанијата.

Извршниот директор на „Бош“, Стефан Хартунг, оцени дека појавата на хуманоидните роботи значително ја зголемува побарувачката за решенијата на компанијата и процени дека инвестициите во овој сегмент ќе изнесуваат „милијарди евра“, пренесува dpa.

Улога како „мозок и нервен систем“ за роботите

Компанијата не планира сама да произведува хуманоидни роботи, туку да обезбедува клучни компоненти и технологии за партнерите – т.н. „мозок и нервен систем“ на роботите.

Во тој контекст, особено значајни се MEMS сензорите (микроелектромеханички системи), сегмент во кој „Бош“ е веќе глобален лидер. Овие сензори им овозможуваат на роботите чувствителност на допир, односно способност да разликуваат дали предметот е кршлив или цврст.

Проценките се дека веќе профитабилниот пазар на MEMS сензори до 2030 година ќе надмине вредност од 19,2 милијарди долари.

Нови организациски единици и партнерства

Со цел забрзување на индустријализацијата, групацијата формира нова единица – Robert Bosch Robotics, а активностите на азискиот пазар ќе бидат консолидирани во нов центар за роботика во Кина.

Германскиот конгломерат исто така развива партнерства со технолошки стартапи, меѓу кои и Neura Robotics, со цел развој на когнитивни роботи.

Вештачка интелигенција и фабрички податоци

„Бош“ за обука на системите за вештачка интелигенција користи огромна база на податоци собрана од повеќе од 230 фабрики ширум светот.

Со оваа стратегија, компанијата се позиционира како еден од клучните играчи во иднината на индустриската роботика и автоматизација.

Извор: b92.net