Останато

Големиот обем на работа – најголема причина за појава на синдромот на согорување кај македонските работници

Бобан Илијевски

Се поголем број на луѓе се соочуваат со т.н. синдром на согорување, па порталот Работник направи анкета со цел да дознае колку луѓето во Македонија се запознаени со овој синдром и колку од нив го имаат искусено.

Резултатите од анкетата на која одговорија 314 испитаници, покажаа дека 72,3 % од нив знаат што е синдром на согорување додека 27,7 % истакнале дека не се запознаени со ова психичко нарушување.

На прашањето, за оние коишто знаат што претставува овој синдром, дали се соочиле со истиот, 78,8 % посочиле дека биле жртви на синдромот на согорување, а 21,2 % не го искусиле истиот.

Испитаниците ги прашавме и што според нив компаниите треба да направат за да се избегне појавата на овој синдром кај вработените. 66,3 % од нив навеле дека треба да ја намалат прекувремената работа; 23,6% сметаат дека компаниите треба да ангажираат психолози за да им помагаат на работниците да го пребродат овој синдром; исто толку од испитаниците мислат дека потребно е да се изработуваат прирачници и да се организираат семинари.

Дополнително, некои од испитаниците посочиле дека треба правилно да се распоредуваат работните задачи, бидејќи преоптовареноста со работа е голема причина за појава на овој синдром. Како надоврзување на ова, некои од нив истакнале дека потребно е и да се вработат адекватен број на луѓе за да вработените не бидат во ситуација да покриваат други работни места.

Инаку, луѓето коишто одговориле на анкетата работат во различни сектори, како: администрација, образование, сметководство, маркетинг, новинарство итн. Некои од нив се и невработени, но навеле дека имале искуство со синдромот на согорување на претходното работно место.

Најголемиот дел или 65,9 % од испитаниците се жени, додека 34,1 % се мажи. Воедно, мнозинството од испитаници коишто одговориле на анкетата се на возраст од 40 до 50 години (44,2 %), потоа следуваат тие од 29 до 39 години (32,9 %), од 51 до 61 година (17,4 %), од 18 до 28 (4,2 %) и во најмал број ги има оние коишто се постари од 62 години, само 1,3 %.

Бројни истражувања покажуваат дека синдромот на согорување може да направи голема штета врз психологијата на работникот и поради тоа е потребно навремено да се открие и третира. Светската здравствена организација, синдромот на согорување го има прогласено за професионално заболување на работното место и за истото работникот има право да користи боледување.

Во Македонија многу малку се зборува на оваа тема, како и воопшто за менталното здравје. Анкетата на Работник покажа дека луѓето во државава знаат за синдромот, но сепак ретко кој се обидува да зборува јавно за истиот.

Фото: Freepik

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk