- Advertisement -
МакедонијаНовостиСветот на работникотСиндикат

Градежните работници бараат бенефициран стаж: „Потребен е само потпис од Министерот“

Градежните работници - Работник
2.05Kviews

Бобан Илијевски

Министерството за труд и социјална политика ќе спроведе целосна ревизија на работните места со бенефициран стаж и ќе направи нов Правилник. Ова значи дека ќе изработи нова листа со работни места за кои ќе биде предвиден бенефициран стаж. 

Ревидирањето на листата значи дека може и нови работни места коишто имаат одреден степен на ризик и ги исполнуваат критериумите да влезат во истата. 

Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање – СГИП уште во ноември 2012 година започнал иницијатива за градежните работници да добијат бенефициран стаж. 

Претседателот на СГИП Иван Пешевски во изјава за порталот Работник вели дека оваа иницијатива била прифатена од страна социјалните партнери – работодавачите, Владата и се разбира синдикатот. 

„Од наша страна беше ревидиран Правилникот за работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење и добивме нови 8 работни места чисто од секторот градежништво и 5 работни места од индустријата за градежни материјали. Останатите 27 места веќе постојат во Правилникот, но не се во делот на гранката Градежништво и вработените е невозможно да ги остварат“, вели Пешевски. 

На прашањето колку според синдикатот треба да изнесува бенефицираниот стаж на градежните работници, Пешевски вели дека зависи од работното место, притоа потенцираше дека има работни места со најлесен облик на ризик и пресметка 12/13, до работни места со висок степен на ризик и пресметка 12/16. 

Фото: Иван Пешевски

Посочи дека прашањето за бенефициран стаж за градежните работници не треба повторно да го вадат на површина, бидејќи не запреле со иницијативата и додава дека постојано ги потсетуваат властите за ова прашање. 

„Слободно ќе кажам, жално е што не се оствари ова барање веднаш штом бевме готови со Правилникот, а тоа беше далечната 2014-та година за да новата власт превземена од 2017 -та година го имаше и во програмата на цели како едно од најприоритетните прашања. И од новата влада која веќе не е нова, беше ветувано во времето на Министерот за труд и социјалана политика Г-ѓа Мила Царовска се до денешниот актуелен Министер за труд и социјална политика Г-ѓа Јагода Шахпаска. Од нивна страна и до нас по сите наши барања за реализирање конечно на оваа иницијатива, одговорот беше секогаш политички дека ќе се реализира, но никогаш не дознавме кога. Веста дека се спрема нешто многу подобро и не е така нова туку отприлика две години, но за градежниците и рударите повторно ништо“, вели Пешевски

Кога ќе заврши нивниот проект за ревидирање на сите работни места, за нас искрено е голема мистерија, вели Пешевски, надополнувајќи дека различно настапуваат. Истакна дека за разлика од претставниците на власта, нивните претставници по тоа прашање заедно со претставниците на работодавачите одамна го затвориле истото и го доставиле како готов документ до претходната Влада која е и сегашна. Документот е на 33 страни и фали само потпис од страна на Министерот. 

„Како претставници на Синдикатот веќе изгубивме секаква надеж дека ќе се направи нешто многу подобро, па затоа пак потсетуваме дека за нашите вработени најдобро ќе биде она што го сработивме пред нешто помалку од 10 години. Денес тие работници достоинствено ќе си заминеа во пензија неколку години порано, а со тоа ќе се исправеше една неправда кон младите кои чекаат работа и кога ќе се вработат ќе отпочне веднаш да им се смета бенефициран стаж во овој сектор“, подвлече Пешевски. 

Инаку, Министерството за труд и социјална политика ревидирањето на листата на работни места со бенефициран стаж ја спроведува со техничка помош од страна на Светска банка.

Фото: Freepik