ГРАЃАНИТЕ ДУПЛО ЌЕ ГИ ФИНАНСИРААТ ДОЛГОВИТЕ НА ВЛАДАТА

Владата и во наредниот период ќе има високи буџетски дефицити. Планира и полека да го намалува задолжувањето во странство, а да го зголемува се повеќе дома. Банкарскиот сектор се уште може да ја финансира државата, без да се намали способноста за кредитирање на фирмите и на населението. Сепак, Народната Банка почна да го поскапува домашното кредитирање и да праќа порака до банките, но и до Владата, да бидат внимателни околу кредитирањето и задолжувањата.

Наредната, 2023 година, Министерството за финансии и Владата планираат ново нето задолжување кое би било максимално до 850 милиони евра. Ако се реализира овој план кој е објавен во последната Стратегија за управување со јавниот долг 2023 – 2025 година, четврта година по ред, почнувајќи од 2020, буџетскиот дефицит, односно парите кои државата ги троши, а кои што ги нема и ги обезбедува преку нови задолжувања, ќе биде над 650 милиони евра.

ТАБЕЛА 1 |Во милиони евра|

ПЛАНИРАН ЛИМИТ ЗА НЕТО ЗАДОЛЖУВАЊЕ

2021Г. 2022Г.   2023Г.
650 750           850

БУЏЕТСКИ ДЕФИЦИТ

2020Г.   2021Г.     2022 Г.       2023Г.
919     752 695   ???

Вкупно во последниве три години (2020,2021,2022) новиот долг поради големите буџетски дефицити изнесува две милијарди и 366 милиони евра. Поголемиот дел од овој нов долг се финансираше со надворешно задолжување. Во 2020 и 2021 година се издадоа две евообврзници од по 700 милиони евра со камати од 3,675% и 1,625%.