Дали веруваш во институциите? Не, никако
Долго време, секојдневно зборуваме за коронавирусот, а повеќе од половина година и за вакцинацијата. И што научивме, што заклучивме, големо НИШТО. Владата си игра Влада, институциите глумат или импровизираат институции, а народот е тотално збунет со секојдневното менување на правилата и на изјавите на надлежните.
Баталете го сето тоа што помина ајде сите заеднички да ја надминеме кризата во која се наоѓаме. Но сега е прашањето како. Зашто е тоа така, затоа што народот не верува на Министрите, затоа што народот не верува во институциите, затоа што народот повеќе не верува во просперитетот и интегритетот на државата. Кога и да се излезе со некоја мерка или закон се чуствува популизам се чувствуваат скриени намери, но главно за да се сокрие се всушност целта на носењето некаква си одлука или уредба, се е недоречено.
Како сето тоа се прави веќе научивме. Ќе си споменеме само неколку примери од последните неколку недели. Регулаторна го покачува дизел горивото за три денари, а Претседатолот на истата „ЗАБОРАВИ“ да не извести дека всушност акцизата се покачила за два денари.
Го намалуваат ДДВ на струјата ВРЕМЕНО за 13%, а истовремено додека не убедуваа дека струјата нема да се покачи, ја покачија за 12,5%.
Не убедуваа дека како членка на НАТО ќе бидеме побезбедни, дека ќе ги достигнеме тие стандарди но за жал еве после толку време гаснеме пожар со помош од надвор, меѓу која и од Србија која патем не е членка на НАТО, а нашиот целокупен арсенал од механизација за справување со вакви кризи е „ВОН УПОТРЕБА“.
И сега низ сите овие Одлуки, делувања и мерки кои се носат главна мерка за спречување на корупцијата во јавниот сектор, секако според нашиот Премиер потекнува од вработените, на мала врата, тивко нечујно се дава дискриминирачки еднократна награда на Министерствата, на Секретарјатот за Европски прашања, затоа што перфектно си ја заврши работата, на Генералниот секретарјат на Владата со кој раководи познатиот Владин фронтмен и борец за човекови права Мухамед Зеќири и така натака само селективно. Но друга страна, работниците кои ги губат работните места и со месеци не можат да си ги добијат платите, а за нив е дадена државна помош, како да се граѓани од втор ред за нив нема никаква помош и да не бидат „ДИСКРИМИНИРАНИ“ и сами за газдите кои ја злоупотребија нема казни и водење кривични постапки.
Многу време главна тема во државата беа и вакцините. Кога сите се вакцинираа масовно ние рушевме рекорди по заболени и смртни случаеви. Па скоро од еден милион вакцини кои ги добивме, огромен дел ни се од донации, па луѓето одеа и во соседна Србија да се вакцинираат, но ние никако не можеме да научиме каде грешиме или пак не сакаме да научиме или пак не можеме да научиме.
Сега со таква изгубена доверба во институциите, со такво неодговорно однесување на Властите, со толку големи неправди кон работниците сакаме да глумиме Европска земја т.е. Германија, Франција итн… Драги мои, луѓето кој го прележаа вирусот оваа пролет а беа во огромеен број планираат вакцинација од септември, секако и многу кои отида на одмор да земат оддишка од сите глупости и катастрофи кои ни се случија планираат да се вакцинираат од септември. Вие ги затворивте вакциналните пунктови, направивте хаос пред здравствените домови, но еве и тоа не е битно, туку прашањето е дали ќе имате доволно донации на вакцини да одговорите на потребите и желбата на граѓаните да се вакцинираат кон крајот на Август и месец септември. Ако не зашто повторно носите вакви нечовечки, избрзани, неспроведливи и дискриминирачки мерки или повторно сакате да си играте со нас авторитет и држава. Каде се сега борците за човекови права, каде се сега борците против дискриминација, каде се сега борците за правна држава или кратко ви е сеќавањето, сте ја изгубиле меморијата.
За крај може да ви препорачам или да ви доставам предлог, како и многу пати досега, добронамерен, навремен, со цел да не го изгубиме и она што остана од оваа држава, излезете јавно, повлечете ја оваа крајно дискриминирачка мерка за невакцинираните, затоа што вие сте виновни за најмалку половина од нив зашто не се вакцинирани, и јавно ИЗВИНЕТЕ се на овој народ, на работниците за да остане барем малку достинство во вас.
Благоја Ралповски, Претседател на КСС

