ДАЛИ НЕКОЈ РЕШИЛ ДА СЕ КРАТАТ ПЛАТИТЕ НА РАБОТНИЦИТЕ ВО МИА?

Владата треба да е свесна на тоа какви последици може да има доколку пакетот мерки за штедење ја ограничи Македонската информативна агенција МИА во нејзината дејност, а тоа е информираност на јавноста, соопшти денеска Сојузот на синдикатите на Македонија.

Сојузот на синдикати на Македонија во кој членува и Синдикатот на Медиумски Информативнии агенции – СМИА, предупредува на опасноста од оневозможување на информирање на јавноста поради барањето на Владата за кратење на средства од Буџетот на МИА.

-Целта на Владата на Република Северна Македонија е создавање медиумски простор за непристрасно и објективно информирање на граѓаните, бидејќи само вистински информирани граѓани може слободно да донесат одлука за иднината на својата држава. Вака Владата ја толкува слободата на медуими која, според нив, треба да овозможи простор за непристрасно и објективно информирање и вистински информирани граѓани, а веќе втора недела продолжуваат притисоците за кратење на Буџетот на Медиумската информативна агенција (МИА) иако репрезентативниот синдикат – Синдикатот на Медиумските Информативни Агенции – СМИА испрати писмо до премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Фатмир Битиќи и до Генералниот секратар на Владата дека мерките коишто ги предлагаат ќе се рефлектираат негативно врз нормалното функционирање на Агенцијата, а со тоа ќе се намали и информирањето на граѓаните, се наведува во реакцијата на СМИА.

Сојузот на синдикатите на Македонија предупредуваше дека ќе се кратат платите на работниците и еве тоа е случај со работниците во МИА иако владините функционери повторуваа дека такво нешто нема да се случи.

Доколку се продолжи со ваквото системско оневозможување на работата на единствената државна Агенција, која во моментов е стожер на вистината и транспарентното известување на кое се потпираат граѓаните, Синдикатот на МИА ќе преземе сериозни мерки во одбрана на скоро 25-годишниот труд којшто го вложија вработените во Агенцијата за да го достигне овој, и според Европската комисија, позитивен пример во медиумскиот простор, се наведува во барањето на СМИА за што целосна поддршка даде Сојузот на Синдикати на Македонија.